Во понеделник (19 август) е закажан нов собир во паркот кај Бристол овојпат под мотото „Смрт на фашизмот-СЛОБОДА ЗА СЛОБОДАТА!”.
Како што соопштија организаторите ОДРАЗ, КИСЛОРОД и БУРГИЈАШИТЕ, на настанот „15 дена потоа“, граѓанските активисти ќе потсетат на својата борба, не само за зачувување на паркот, туку како што велат, и за слободата во Република Македонија, за враќање на владението на правото и принципите на демократијата.
На настанот кој е најавен во 20 часот, ќе има видео презентација, говори и за прв пат во живо ќе биде изведена песната која е создадена за борбата за слобода на слободата.
За време на летните одмори, пред две недели, надлежните и покрај противењето на граѓаните ги исекоа неколкуте стебла пред хотелот „Бристол“. Дрвата се сечеа во присуство на силно полициско обезбедување со цел да се направи простор за новата зграда на Советот за радиодифузија, во барокен стил. Во меѓувреме беа засадени нови дрвца од граѓаните, а жителите на Центар најавија дека нема да се откажат од паркот.