Активистите за заштита на животни алармираат за шверц на лавчиња

Здруженија за заштита на животни и активисти денеска преку социјалните мрежи објавија фотографии на кои се гледа како повеќемина лица се фотографирани со лавчиња, а фотографиите ги имаат објавено на Фејсбук и Тик-Ток, и побараа надлежните органи да го расчистат случајот. На една од фотографиите се гледа како дете позира со лавче, додека на друго објавено видео се гледа како возрасен маж заедно со лавче се вози во автомобил.

Активистката Тина Мицковска, која исто така е и портпаролка на Зоолошката градина во Скопје за Радио МОФ вели дека дел од фотографиите кои се споделени по социјалните мрежи се направени во Скопје и Куманово.

Внесувањето и изнесувањето на загрозени животни, растенија и нивни производи во и од територијата на земјата, Мицковска објаснува дека според Конвенција за меѓународна трговија со загрозени видови на дивата флора и фауна е строго забрането со закон.

„Царина секогаш запленува диви животни при обид за влез во земјава и со нив секогаш имало одлична соработка. Но, во случајов треба да се испита како дошле лавчиња во Македонија“, вели таа.

За случајот се информирани сите надлежни институции од здруженијата и граѓаните, објаснува Мицковска. Радио МОФ го контактираше и Министерството за внатрешни работи во врска со тврдењата на активистите, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ од надлежните институции побара итно да спроведат истрага и најстрого да ги казнат лицата кои во последните неколку дена се сликаат со малите лавчиња. Истовремено прашуваат кој дозволил влез во државата на младенчиња од лов, но и кои институции се вмешани во, како што велат, кршењето на законот.

Малите шверцуани лавчиња, Мицковска објаснува дека завршуваат во ресторани во мали кафези, каде, како што додава, немаат простор ни за движење и со тоа е загрозена нивната благосостојба. Истовремено посочува дека тие често патат од рахитис, проблеми со кичмата и движењето.

Во изминатите неколку години, таа објаснува дека во соседството имало вакви случаи на шверц, фатени на неколку граници во балкански земји или каде сторителите подоцна биле уапсени.

„За жал и многу животни страдаат при нелегален транспорт и трговија. За среќа, кај нас ретко има вакви случаи, најчесто досега имало обид за шверц на рептили, змии, гуштери и желки“, додава таа.

Во однос на тоа дали зоолошката градина може да ги вдоми, таа објаснува дека тоа не зависи од нив, туку од целиот тек на случајот.

„Во Софија на пример во софиската зоолошка има животни кои исто така биле чувани нелегално и одземени. Таков е случајот со тигрицата Шели која живеела во слаткарница во трговски центар во Софија. Во Косово после долга битка, конечно ‘Four Paws’ одземаа лав кој беше во минијатурен кафез во ресторан“, посочува таа.

М.К.