Јана Белчева-Андреевска, активистка и актуелен член на Советот на општина Центар, ќе ја предводи листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври. Таа денеска заедно со кандидатите за советници проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески ја претставија својата платформа, за која од утре ќе собираат потписи, пренесува Мета.
„Во 2017 ни ветија работа на средување на урбаниот хаос и промена на незаконските детални урбанистички планови од 2012. Четири години подоцна, истите планови се на сила, а ветувањето што го даваа кога требаше да ги добијат гласовите на жителите на Центар, остана само ветување“, велат од „Шанса за Центар“.
Иницијативата „Шанса за Центар“ порачува дека на следните локални избори граѓаните ќе може да ги земат работите во свои раце и да ги надминат опасностите од партиските политики.
„Ќе инсистираме идните планови да не се изработуваат зад затворени врати и во интерес на само малкумина. Плановите мора да бидат резултат на анализи, по мерка на жителите и со приоритет на заедничкиот пред личниот интерес. Тие мора да се спроведуваат правично и законски, еднакво за сите, без ‘попусти’ за никого. Пристапот кон информации за секој план и секоја дозвола не смее да биде загрозен. Преку Советот на Општината имаме шанса да влијаеме за одржливо решение за финансирање на нашата општина, различно од сегашното каде главен извор на пари се приходите од градењето на згради или продажба на земјиште за градење“, велат од „Шанса за Центар“.