Уметнички проекти, театарски претстави и перформанси, филмски проекции, предавања и дискусии ќе бидат дел од Фестивалот за современи уметности АКТО, кој годинава слави 10 години постоење, а ќе се одржи од 14 до 16 август во Битола. Меѓутоа, битолската општина годинава нема финансиски да застане позади фестивалот, соопштија организаторите.
Фестивалот иако девет години по ред е дел од летната културна програма на Битола, годинава не се најде на каталогот. Инаку „БитФест“ е финансиран од општина Битола а покровител е м-р Владимир Талески.
„Не добивме образложение зошто не сме дел од програмата на „Битфест“. Секоја година на самиот каталог за програмата пишува кои се вклучени и од таму видовме дека не сме во програмата. Побаравме писмено да ни одговорат, но се уште немаме добиено одговор“, вели Ивана Васева, за Радио МОФ, која заедно со Филип Јовановски се куратори на фестивалот.
АКТО се организира од 2006 година, како најобемна активност на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) од Битола. Васева објаснува дека желбата да работат на настан кој ќе промовира современа уметност и ќе нуди пошироко знаење е причината поради која не се откажале од организирање на фестивалот.
И покрај тоа што фестивалот не доби финансиска помош од локалната самоуправа, организаторите најавија дека ќе го реализираат со помош на партнерските мрежи „Урбано зуење“ (Urban Hum) и „Балканот може современо“ (BCC-Balcan Can Contemporary). Поддршка има и од Фондацијата „Култура Нова“ од Загреб (Хрватска), организациите „Фрлачи на сенки“ (Shadow Casters) од Загреб и „Друго море“ од Ријека, како и од ЦАЦ – Центарот за современи уметности од Скопје. Во рамки на програмата „Даб фор артс“, средства за фестивалот оддели и Прилепска пиварница.
Со годинешната програмата се најавува учество на голем број врвни имиња од културата од регионот, како и домашни уметници. Овогодишното издание е под наслов „АКТО 10: Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015 вол.2“ и се однесува на меморијата и важноста на анализирањето кое може да води кон креирање на нови реалности.
Во рамки на фестивалот, во Битола ќе биде пренесена Мобилната / монтажна галерија на ЦАЦ – Центарот за современи уметности од Скопје, каде ќе се случува поголемиот дел од програмата.
Организаторите најавија дека меѓу гостите на фестивалот се Славен Тољ, уметник со интернационална репутација и моментално директор на Музејот на современа уметност од Ријека, уметничката група со огромен подем во својата кариера „Фокус група“ од Хрватска, Игор Грубиќ, реномиран мултимедијален уметник и перформер познат по своите акции во јавен простор, како и повеќе македонски уметници, како Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Климент Попоски, Викторија Илиоска, Тања Рибарска и други. Повеќе содржини на АКТО ќе се реализираат преку соработката со режисерот и активист Борис Бакал и организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб. Дел од програмата е и претставата „Ибзеновиот непријател на човекот, како Брехтова поучна драма“ во режија на Златко Паковиќ а во продукција на Центарот за културна деконтаминација од Белград.
Во основата на фестивалот е изложба составена од архивата и документацијата на АКТО која колективно ја изработуваат десетина учесници од Битола: Благојче Цветковски, Христијан Атанасовски, Кети Талевска, Михајло Џима, Ана Џима, Вера Христовска, Наташа Бошкова, Елена Ѓорѓиевска, Барбара Петруловска, Сташа Божиновска, Андријан Наумовски и Димитра Јовановска.
Музичката програма на Акто Фестивалот ќе се одржи на повеќе локации на кои се одржувал фестивалот во претходните девет години, пред дуќанот „Божиновски“ на Широк сокак, пред куќата Алхамбра, мезе бар „Јагода“, Мобилна/монтажна галерија со артисти како „Паднатите од Марс“, Мирко Попов, Мартчин, Андреја Анчевски, Васо, Александар Танчевски, Соња Исмаил, Дејан Декс, Виктор Ристевски, Миле Гроздановски и други македонски артисти.
Во возот на релација Скопје- Битола ќе се одржи традиционалната Акто транспорт – журка. Како што велат организаторите, ова уште еднаш го потврдува културниот туризам кој го одржува фестивалот во годините наназад.
Oд првото издание на АКТО во 2006 година во рамките на деветте изданија на фестивалот имало 338 учесници од 13 земји, се реализирани 101 уметнички настани на 44 различни локации низ градот, 49 перформанси и 9 театарски претстави, 12 изложби и имало 41 музички настан. На фестивалот тимот го сочинувале 165 соработници и биле вклучени и 200 волонтери.