Медиумската мрежа Ал Џазира најави дека ќе поднесе тужба до Меѓународниот кривичен суд во Хаг за убиството на нивната новинарка Ширин Абу Аклех за време на израелскиот напад во окупираната палестинска територија Западен брег.
Компанијата со седиште во Катар и палестинската власт ги обвинија израелските војници дека намерно ја убиле Абу Аклех на 11 мај во градот Јенин. Израелските власти ги отфрлаат овие обвинувања.
Од Ал Џазира соопштија дека веќе формирале меѓународен правен тим кој ќе ја подготви документацијата која ќе ја достават до обвинител од Судот. Оттаму додаваат дека во тужбата ќе биде вклучено израелското бомбардирање на зградата во која се наоѓале нивните канцеларии во Газа за време на минатогодишната воена пресметка меѓу Израел и палестинскиот Хамас, а ќе вклучат и документи за други напади и поттикнување на напади врз нивни новинари кои работат во окупираните палестински територии.
Од медиумската мрежа велат дека убиството и физичките напади на новинарите кои работат во воени зони или окупирани територии спаѓаат во воено злосторство според Членот 8 од Римскиот Статут на Меѓународниот кривичен суд.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг минатата година покрена истрага за потенцијалните воени злосторства на Израел врз палестинските територии. Израел не е член на Судот и ја одби истрагата, карактеризирајќи ја како пристрасна.
Од Ал Џазира велат дека ќе направат се` за да се задоволи правдата за убиството на Абу Аклех и да се осигура дека одговорните за нејзината смрт ќе бидат правно процесуирани.
Израелските власти тврдат дека не може да се заклучи дали куршумот кој ја уби новинарката бил истрелан од израелските војници или палестинските екстремисти, се` додека палестинската управа не им дозволи да се вклучат во балистичката анализа. Палестинските власти, пак, објавија резултати од својата истрага, според кои Абу Аклех намерно била убиена од израелските војници бидејќи никаде во близина немало палестински екстремисти. Тие истовремено одбиваат соработка со Израел по ова прашање, со образложение дека немаат никаква доверба во нивните служби.
51-годишната Абу Аклех беше убиена додека известувала за израелските напади на бегалскиот камп Јенин, во окупираната територија на Западниот Брег, кога била погодена во лице од куршум. Во видеоснимка од инцидентот може да се види како Абу Аклех носела син панцир со обележје дека станува збор за новинар.