Синоќа скопјани се гушеа во магла и смог, утрово загадувањето останува на алармантно ниво. Најголемо загадување има кај Ректоратот, каде што е сместен најголемиот студентски комплекс во земјава. Честичките РМ10 утрово околу 8 часот биле над сите дозволени граници и во Центар и Тетово, покажуваат мерните станици на Министерството за животна средина.
Високо ниво има и во Карпош и Лисиче. Во Центар и Ректорат концентрацијата е над 180 микрограми ПМ10 на метар кубен. Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.
Во текот на вчерашниот ден нивото на ПМ10 во Центар изнесувало 248 микрограми на метар кубен, во Лисиче 240, во Карпош 221 микрограми и кај Ректорат 202 микрограми. Во Тетово се измерени 325 микрограми на метар кубен, а во Кичево 202. Воздухот во овие регионие е загаден повеќе од една недела.
Маглата синоќа го парализираше аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, а ниту утрово немало полетувања и слетувања. Сега се бараат виновниците, но и одговори, како да се надминат ваквите состојби.
Надлежните излегоа со пакет мерки, кои главно се сведуваат на препораките граѓаните да избегнуваат излегување на отворено, да се возат со јавен превоз и да не се греат на дрва.
Метеоролозите до сабота не предвидуваат промена на временските услови, ниту пак ветер кој ќе го растера смогот од загадените градови.