Алатките за вештачка интелигенција стануваат сѐ попознати и сѐ повеќе се користат во секојдневието. Можностите кои ги нудат се бројни, а многумина ја сметаат нивната работа за импресивна. Но, со нивниот развој, под знак прашалник се ставаат етичките и правните аспекти врзани со нивната употреба.
Како некои од попознатите алатки во последниот период се издвојуваат „чет-ботот“ ChatGPT, кој може да одговори речиси на сѐ, од прашања поврзани со програмирање, до пишување новинарски написи и решавање најразлични задачи, а моментално брои стотици милиони корисници. Од друга страна, тука е и алатката „DALL-E2“, која стана достапна за пошироката јавност неколку месеци претходно. Со оваа алатка пак преку текст, вештачката интелигенција генерира слики кои претходно не постоеле.
Радио МОФ спроведе анкета на оваа тема на платформата Инстаграм, каде публиката која што не’ следи е генерално помлада. Прашалникот покажа дека речиси 50% од анкетираните или 180 лица досега користеле алатки за вештачка интелигенција, наспроти 38% или 142 лица кои немале такво искуство. Дополнително, само 13% или 49 лица не знаат што се алатки за вештачка интелигенција.
Токму „ChatGPT“ на нашата анкета се издвои како најкористена алатка со 80% од гласовите.
Причините за употребата се различни, дел од нив одговорија „за спремање испити“, „учење“, „за составување есеј за факултет“ и „за учење и решавање задачи“. Друг дел пак ја користат алатката за „визуелизации“, „решавање матрици, калкулус и проблеми поврзани со стехеометрија“, „програмирање“ „работа“, „забава“ и „објаснување програми“.
Од почетокот на декември до денес, повеќето млади се опседнати со „чет-ботот“ ChatGPT, смета професорката Катерина Здравкова од факултетот ФИНКИ. Таа посочува дека на дискусиите по предметот Компјутерска етика, студентите неодамна сами го иницирале разговорот за оваа алатка. Дополнително, алатката била на пиедесталот во нивните збирки на најзначајните настани од областа на компјутерската етика што се случиле во текот на семестарот.
„Во повеќето медиуми се предупредува дека отвора многу можности за злоупотреба. Времето ќе покаже колку студенти ќе му ги отстапат своите обврски на ChatGPT и каков ќе биде ефектот. Професорите ќе се обидат да најдат начин да ги спречат измамите. Кој ќе победи во војната? Одговорот ви е повеќе од добро познат. Истражувачите, дури и најмладите не верувам дека ќе го користат ChatGPT за нешто друго освен за забава. Макар што афоризмот ‘публикувај или исчезни’ им е императив на многумина, посебно на помладите, сепак, чувството на триумф кога ќе создадеш нешто вредно е незаменливо. Тоа им е главната мотивација на вистинските истражувачи“, објаснува Здравкова.
Импресивен фидбек
Небојша Гелевски – Бане е графички дизајнер со над 30 години искуство, и со како што вели тој, 90-дневно работно искуство со ВИ и генерирање слики.
Себеси се смета за почетник кој ја користи оваа технологија, но вели дека гледа огромен потенцијал кој би можел да се искористи и да се добијат креативни решенија.
„Токму таа непредвидливост во генерираните резултати ја гледам како генератор на нова креативна енергија за идеи кај нас, луѓето. За мене целиот процес на експериментирање со ВИ генератори на слики е многу интересен, заразен и на крајот инспиративен“, објаснува Гелевски.
Ваквите алатки, графичките дизајнери, според него може да ги користат паметно и во нивна полза. Но, вели дека нивото на квалитет на генерираните решенија е неупотребливо, што значи дека е неопходна човечка доработка.
„Од друга страна, ако имате потреба од ‘чиста’ илустрација, можно е да добиете и финален продукт директно од генераторот на ВИ и ова може да има влијание на илустраторка заедница. За иднината на работните места во креативните индустрии немам проценки во моментов, но кое работно место е 100% сигурно во иднината!? Едно е сигурно, не се даваме, ќе се бориме со креативност“, порачува Гелевски.
Инспирацијата за употреба на ВИ за генерирање слики, Гелевски вели дека ја добил од неговиот пријател Бранко Прља, кој е исто така графички дизајнер, но и писател и копирајтер. Со помош на генераторот за слики „Stable Diffusion“, Прља направил илустрации за неговата книга „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“. Оттука, се разбудила и љубопитноста кај Гелевски.
„Шокиран сум од брзиот развој на оваа технологија! Восхитен од резултатите! Изненаден од непредвидливоста и ‘креативноста’ на решенијата! Резултатите што ги добивам се најчесто неочекувани и ме изненадуваат, од неверојатно чудни, речиси ‘погрешни’ до речиси перфектни графички резултати. Непредвидливоста е убава, но некојпат ‘иритира’ чекањето да се појави резултатот кој го замислуваш, а не ‘излегува’ истата замисла од генераторот“, објаснува Гелевски.
Графичкиот дизајнер за Радио МОФ вели дека се’ уште не искористил ВИ за генерирана слика за комерцијални проекти, но додава дека ја користи вештачката интелигенција за негови уметнички проекти, лични објави за социјалните мрежи, но и дополнително за зголемување на базата слики од историски важни личности и знаменитости од Македонија.
Според него, правните и етичките прашања поврзани со генерираните слики, работата е „многу компликувана“. Гелевски вели дека сопствениците на генераторите јавно потврдуваат дека нивните системи се тренирани со милијарди слики од интернет, без притоа, како што вели, да се води сметка, дали се лиценцирани, слободни за користење или пак се заштитени со „водени“ жигови.
„Собрана е речиси цела база на креативно творење на човечката цивилизација која ја има на интернет, фрапантно голема база. Базата содржи и слики од живи уметници кои сè уште творат и тоа им е основна егзистенција. Овие уметници со право се лутат, без нивна дозвола, нивните слики се во базата и генераторите го ‘научиле’ нивниот стил на сликање/цртање и речиси совршено ги копираат. Аргументот на сопствениците на генераторите е дека според тековните законски прописи уметнички стил не може да биде заштитен од копирање, додека секое индивидуално дело може и е заштитено со Закон за авторски права. Реалниот проблем е што сопствениците на генераторите почнуваат добро да заработуваат, благодарение на базата сочинета од делата на уметниците. Во исто време, уметниците се плашат дека ќе загубат голем дел од пазарот со илустрации“, објаснува Гелевски.
Според актуелните законски прописи се чини дека нема прекршување на законите, вели графичкиот дизајнер, но од друга страна, за него е неетички сопствениците на генераторите да заработуваат врз база на уметноста која ја создаваат бројни уметници, кои живеат од својата уметност.
„Во моментов има повеќе тужби од уметниците, насочени кон ВИ генераторите, останува да видиме што ќе кажат судовите. Мое очекување е дека оваа ВИ ‘револуција’ веројатно ќе предизвика и менување на регулативата во доменот на авторските права“, смета тој.
Правни и етички прашања постојат многу, објаснува и софтверскиот инженер и експерт за вештачка интелигенција Стојанчо Туџарски, додавајќи дека целата работа со автогенерирање дигитални содржини, било да е тоа текст или слика, е во сива зона.
Според него, популарноста на ChatGPT, најверојатно вели дека ќе иницира јавни расправи и полемики на темата, кои на крај ќе се преточат во закони.
„За тоа ќе бидат најверојатно потребни неколку години, а за што ќе почне да се дебатира додека сфатиме како треба да се регулира сегашната технологија, уште не можеме ни да претпоставиме. Во таа смисла, во Кина веќе почна да се зборува за закон со кој, покрај секоја објавена автогенерирана дигитална креација мора да стои и известување за нејзиното потекло. Но, во Кина некои работи се поедноставни“, вели Туџарски.
Дополнително, тој посочува дека има други опасности од користењето на ChatGPT, од гледна точка на безбедност и заштита на приватни податоци, додавајќи дека никој не знае што се е користено за тренирање на GPT моделите, и како е дојдено до тие текстови.
„Работејќи со нив и следејќи ги автогенерираните содржини, станува јасно дека во нив има многу софтверски кодови, логови од веб сервери, ‘base64’ енкодирана содржина, и којзнае што уште не. Во секој случај, сето она што било ‘покажано’ во текот на тренирањето, може да излезе на површина, и можеби ќе биде изгенериран и некој број на нечија кредитна картичка, приватен телефонски број, и којзнае што уште не. Од безбедносен аспект, немам видено дека овој аспект некако се третира некаде“, дециден е Туџарски.
Кон алатката ChatGPT, вели дека пристапил уште првиот момент кога добил дозвола за користење, најпрво од љубопитност, но и од потребата да ја истражи можноста да биде користен во неколку проекти на кој работел, како замена на постоечката верзија на GPT-3.
Според софтверскиот инженер, алатката е импресивно научно и инженерско достигнување во секој аспект, а вели дека исходот бил очекуван, знаејќи како работи, но и поради претходното искуство со GPT-2 и GPT-3.
„Секако, подобра е од GPT-3, со оглед на документираните подобрувања во начинот на кој е добиена од својот претходник. Изненадувачки беше моментот кога сфатив дека ChatGPT всушност значи токму тоа што е и наведено во името – ‘GPT-3 for Chat’. И онака импресивната способност да се запазува контекстот на зборовите и речениците во изгенерираните текстови, следните ‘одговори’ од машината на нашите следни пораки до неа можат да референцираат детали спомнати во изминатите разменети пораки. Или, се памти и контекстот на целиот разговор. Јас самиот, 2020 бев импресиониран од таквата можност. Гледајќи ја тогашната можност на технологијата, брзината со која се движиме напред е надвор од сите мои очекувања“, вели Туџарски.
Алатката вели дека е со огромен потенцијал, што може да биде од корист, но додава дека секој што ја користи мора да биде свесен за нејзините ограничувања.
„Таа е едноставно алатка која на внесени, да речеме 1.500 зборови, ги дава следните 500 најверојатни зборови, имајќи ги во предвид текстовите кои биле користени во текот на нејзиното тренирање. Текстовите би биле со запазен контекст, но, со оглед на начинот на функционирање на алатката, не можеме да зборуваме за фактографска точност. Таа е добра само како добивање предлози, ‘драфтови’ за некој текст, кој потоа мора да биде проверен и одобрен од човек за понатамошно користење. Ова е поради начинот на генерирање на следните зборови, ‘manifold-based inference’, и секогаш постои можност алатката да погреши. Од друга страна, доколку не користите некоја вештина, постои можност таа да ‘затапи’, па така и со пишувањето“, додава тој.
Ваквите алатки за вештачка интелигенција се дел од таканаречените генеративни модели, тренирани со огромни количини податоци, со „само-надгледуван“ начин на учење во кој моделите се тренираат да генерираат излез кој личи на влезот, без потреба од човечко означување на влезните податоци.
„Поради ова, тренирањето на успешни модели, со разработени алгоритми е само проблем на процесирачки ресурси и време. До сега беа успешно покриени текст и слики, следни за успешно автоматско генерирање се музички и видео записи, и минатите недели веќе и се појавија такви. Поимпресивни, барем за мене, се можностите за менување на слики и видео материјали не со ‘правење’, туку со кажување на компјутерот што сакаме да направи, со слободен текст, т.е. како што би му објасниле на друг човек. Со ова, доближувањето на машините до луѓето се подигнува барем за едно ниво погоре“, вели Туџарски.
Истовремено, според него, поради појавата на вакви алатки, одредени профили во професиите поврзани со креација на содржини, како на пример маркетинг или SEO, како што вели во добар дел ќе бидат автоматизирани и улогата на луѓето ќе се сведе на избирање на најдобрата од неколку автоматски спремени предлози.
„Добрата страна во ова е тоа што овие луѓе, од вршење на повторувачки рутински работи, можат да се пренасочат кон вршење на некои други активности каде машините се уште не се добри во имитирање на луѓето“, додава Туџарски.
ВИ е долго околу нас
Секој поправач на граматички грешки е производ на вештачка интелигенција. Ова е само еден пример кој софтверскиот инженер Туџарски го користи за да посочи дека вештачката интелигенција е веќе наголемо околу нас.
Од друга страна, тој вели дека како се напредува со ВИ со моделите од типот ChatGPT и DALL-E, тие стануваат се поимпресивни, и во доменот на музиката и видео-записите, но додава дека границите на можностите за примена веќе се исцртуваат.
„Она што останува да се сработи, е не да го научиме да го имитираме човекот во одредени тесно специјализирани области, туку да научиме како човекот учи, и тука да го имитираме. На пример, на едно тригодишно дете е доволно да му покажеме две слики од кучиња и една од мачка, и детето да знае да ги препознае и во цртани филмови, и на улица, и на филм. Со денешното ниво на развојот на науката, на машината треба да и покажеме неколку илјади слики од кучиња да ја научиме да ги препознава. Проблемот е да сфатиме како тригодишното дете учи со две слики, а тука сме сега за сега потполно беспомошни“, вели Туџарски.
Професорката Здравкова од ФИНКИ исто така објаснува дека вештачката интелигенција е одамна дел од нашето секојдневие и вели дека е една од најстарите и најмоќните компјутерски науки. Здравкова потсетува дека „IBM Deep Blue“ уште пред повеќе од 25 години успеа да го совлада тогашниот светски првак во шах Каспаров.
„И машината за пребарување на ‘Google’ е исто така производ на вештачката интелигенција. Наоѓањето оптимален пат меѓу две места или наоѓањето најсоодветен авионски лет најлесно ќе го направат компјутерските програми поддржани од вештачката интелигенција. Меѓу другото, ќе ве прашаат прво што претпочитате, да стигнете најбргу, најевтино, најлесно или со најмалку прекини. Персоналните асистенти како ‘Alexa’, ‘Cortana’, ‘Siri’ го препознаваат говорот и ви генерираат соодветен одговор понекогаш надополнет со симпатична анимација“, објаснува Здравкова.
Дополнително, ВИ станува и клучна во создавањето на асистивните технологии кои се наменети за лицата со попреченост, додава таа.
Во последните неколку години, голем број македонски фирми почнуваат да ја вклучуваат вештачката интелигенција во своето портфолио, посочува Здравкова.
„Со оглед на тоа што ги познавам повеќето сопственици или соработници на овие фирми, а некои од нив неизмерно ги сакам, не би сакала да одделам ниту една посебно. Но, со сигурност можам да кажам дека се извонредни и дека за нивните резултати наскоро ќе се дознае и дека ќе бидеме многу горди што нивните производи се создадени во Македонија“, додава таа.
Според неа, „ќе треба уште многу вода да протече низ Вардар“ до моментот кога ваквите технологии ќе ги заменат луѓето.
„Еве ви конкретен пример. ‘Google Translate’ вешто преведува стотици јазици. Но, без одлично познавање на духот на јазикот, особеностите на народот чиј или од чиј јазик се преведува и без доволно општа култура, преводот може да биде коректен, но е далеку од квалитетен. Преведувањето не значи само да се сфати значењето на текстот. Преведувањето е уметност и голема мајсторија. Резултатот станува совршен и долго се помни секогаш кога преведувачите ги вклучуваат својата креативност и емоциите. Тоа не можете да очекувате од компјутерските апликации“, објаснува Здравкова.
Во меѓувреме, таа смета дека оваа наука ќе напредува со незапирливо темно, со оглед на тоа што, како што вели, клучни играчи во областа на вештачката интелигенција се најголемите и најбогатите компјутерски фирми. Дополнително, таа додава дека сите задачи што ги реализира човековиот ум ќе бидат побрзо решени со помош на длабокото учење.
„Засега, единствената активност со која вештачката интелигенција не може да се натпреварува е перцепцијата. Ниту една програма не е во состојба да ги препознае лицата и сликите толку добро како мозокот на луѓето, но и на животните. Тоа се должи на меѓусебната заемна соработка на милиони неврони. Тоа современите процесори не можат да го имитираат“, децидна е Здравкова.
Мартин Колоски