Употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во училиштата е извор на постојана дебата, при што едукаторите сè уште се борат да ја дефинираат нејзината улога и да развијат ефективни методи за следење на нејзината употреба. Меѓутоа, во одредени случаи, вештачката интелигенција би можела да биде особено корисна за студентите кои имаат проблем со извршните функции, како што се концентрацијата и вниманието, потенцијално помагајќи да се премостат празнините во перформансите меѓу студентите, според ново истражување, пренесува Евроњуз.
Една неодамнешна студија спроведена од истражувачи на Универзитетот Лунд во Шведска, истражуваше како адолесцентните студенти ја перципираат корисноста на генеративната вештачка интелигенција во училницата.
„Откривме дека учениците со повеќе предизвици во извршното функционирање сметаат дека генеративните алатки за вештачка интелигенција се особено корисни за училишна работа, особено за завршување на задачите. Ова го истакнува потенцијалот на овие алатки како помошни помагала за студентите кои се борат со когнитивните процеси клучни за академскиот успех“, изјави главниот автор на студијата, училишен психолог и истражувачки асистент на Универзитетот Лунд Јоан Кларин.
Истражувачите идентификуваа врска помеѓу преференците на учениците и нивната склоност кон користење на вештачка интелигенција и нивната тенденција да искусат повисоки нивоа на одредени тешкотии, вклучувајќи прашања поврзани со планирање, емоционална регулација и завршување на задачите.
Наодите беа објавени во списанието „Frontiers in Artificial Intelligence“.
Истражувањето се засноваше на две студии. Првата студија опфати 385 ученици на возраст од 12 до 16 години од четири училишта во јужна Шведска. Втората студија пак, се фокусираше на 359 ученици на возраст од 15 до 19 години кои биле запишани во истото средно училиште.
Студиите открија дека додека 14.8% од помладите ученици користеле генеративна вештачка интелигенција како дел од нивното образование, односно 52.6% од постарите адолесценти.
Меѓу чет-ботови со вештачка интелигенција, ChatGPT беше убедливо најчесто користената алатка.