Следниот месец Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), јавува Радио Слободна Европа (РСЕ). Оваа одлука сега резултира со неформално одвојување на Албанија од Македонија, бидејќи Бугарија сè уште не ѝ дозволува напредок во пристапните преговори со ЕУ.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се договорија на следната меѓувладина конференција, на 15 октомври, Албанија да отвори пет поглавја од првиот кластер.
Според оценката на унгарското претседателство со Европската Унија, се потврдува дека Албанија постигнала целосна исполнетост на првичните критериуми за кластерот 1 на основите.
Кластерот 1 во преговорите за членство со ЕУ се однесува на таканаречените „основи“ и вклучува поглавја поврзани со набавките, статистиката, правдата и основните права, слободата и безбедноста и финансиската контрола.