Албанија ќе го забрани ТикТок на една година, властите сметаат дека платформата поттикнува насилство меѓу младите

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека владата ќе го забрани користењето на видео платформата ТикТок на една година, обвинувајќи ја социјалната мрежа за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата.

Албанските власти одржале 1.300 состаноци со наставници и родители по смртта на тинејџерот кој во средината на ноември беше избоден од друг млад човек по расправија, што наводно почнала на видео платформата.

Обраќајќи се на состанок со наставници и родители, Рама рече дека ТикТок „ќе биде целосно затоврен за сите. Нема веќе ТикТок во Република Албанија“.

Забраната ќе почне на почетокот на следната година, сѐ уште не е одреден точен датум.

Во одговор на прашањето за коментар од ТикТок побараа итно разјаснување на албанската влада за случајот со избодениот тинејџер.

Компанијата соопшти дека „не пронашла докази дека сторителот или жртвата имале свои профили на ТикТок и дека повеќе извештаи покажале дека видеата што воделе до овој инцидент биле објавени на друга платформа, а не на ТикТок“.

Децата во Албанија ја претставуваат најголемата група корисници на ТикТок во земјата, според домашните истражувања.

Албанските родители изразуваат зголемена загриженост по извештаите кои покажуваат дека деца на училиште носат ножови и други предмети за ги користат во кавги или во случаи на малтретирање какви што се промовираат на ТикТок.

Според Рама, операциите на ТикТок во Кина каде што е сместена нејзината матична компанија се различни и „промовираат како подобро да се учи, како да се чува природата итн“, изјави тој.

„Албанија е премала држава за да му наметне на ТикТок промена на својот алгоритам за да не промовира репродукција на бескрајниот пекол на јазикот на омраза, насилство, малтретирање итн.“, напишаа од канцеларијата на премиерот.

Но, не сите се согласуваат со одлуката за забрана на ТикТок.

„Диктаторската одлука да за забрани социјалната мрежа ТикТок е гробница на слободата на говор и демократијата“, изјави Ина Жупа, пратеник на главната опозициска Демократска партија.

Потегот на албанските власти доаѓа откако неколку европски држави меѓу кои и Франција, Германија и Белгија воведоа ограничувања на пристапот на децата до социјалните мрежи.

Додека, Австралија во ноември отиде чекор подалеку, забранувајќи ги социјалните мрежи за сите помлади од 16 години.

Австралија на чекор до првата забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години