Албанија размислува за забрана на Тик Ток и Снепчет

Албанскиот премиер Еди Рама, изјави дека размислува за целосно забрана на Тик Ток и Снепчет по убиството на 14-годишен ученик од друг ученик во основно училиште во Тирана, пишува „Анадолу“.

Во изјавата по состанокот на владата, Рама нагласи дека смртта на 14-годишното момче е трагедија која бара ефективен одговор и од државата и од општеството.

Истакнувајќи дека некои земји го ограничуваат пристапот до социјалните мрежи за деца под 16 години, Рама рече: „Како влада, нашата дилема е дали да продолжиме со имплементација на забрана. Од сите наши искуства досега, научивме дека ефективноста од ова е многу ниска и дека поттикнувањето на насилство и малтретирање преку социјлани мрежи само се зголемува“.

„Можеби треба да донесеме радикална одлука за целосно забрана на Тик Ток и Снепчет во Албанија“, рече тој.

Тој додаде дека предлогот ќе биде претставен пред родителите на дискусија и дека сите училишта ќе работат на што подемократски да се донесе одлуката.

Во однос на мерките за обезбедување безбедност во училиштата, Рама најави дека во блиска иднина планира да постави камери во секое училиште и училница за да ги следи активностите.

Во понеделникот, 14-годишниот Мартин Цани го загуби животот во напад со нож од друг ученик во основното училиште „Фан Ноли“ во Тирана.

Расправијата на учениците наводно започнала на социјалните мрежи.