Продолжуваат музички свечености за 33-иот роденден на независното радио „Канал 103“. Овој пат, по компилацијата „Најубави“, издавачкиот полет продолжува со албумот „From the Dust“ на „KLO“.
„За нашето следно издание, одиме назад во 2008-ма и од архивата на Канал 103 ослободуваме едно, барем за нас, драгоцено парче музичка историја“, соопштија од „Стротројка“.
„KLO“ (Keen Lone Observer) го имаа својот прв концерт во „Стотројка“ во 2006 година и повремено настапуваа до 2009 година. И, тоа беше тоа, кратко и слатко, иако оставија белег во независната сцена.
„Иако официјално под името ‘KLO’ работат од октомври 1999 година, сепак вистински бендот ќе профункционира дури неколку години потоа, на почетокот на 2005, кога прво Соња Димитријоска, а потоа и Деан Змејкоски доаѓаат во Скопје.Тие двајцата секогаш го чинеле авторското јадро на бендот, иако никогаш не настапиле самостојно како дуо. Како и секоја добра музичка приказна така и оваа има своја предисторија, во Прилеп, градот од каде потекнуваат и Соња и Деан. Соња своето музичко образование го стекнала на музичко училиште, свирејќи флејта додека Деан е самоук гитарист кој во 1998 ќе го направи алтернативниот бенд „Ние“, пишува за „KLO“ во „Македонска рок енциклопедија“.
Според енциклопедијата, неколку месеци по првиот акустичен концерт во „Канал 103“ во 2006, тие имаат уште еден акустичен настап, во клубот „Лудница“ и на тој начин ќе заокружат уште една фаза од постоењето на составот. Крајот на 2006 ќе го одбележи преработката на песната од „Бастион“, „Молитва“, а во истиот период и двајцата (Деан и Соња) ќе бидат гости-музичари на снимањето на деби албумот на „Пиколомини“ – „From subway to my way“.
Ова студиско искуство ќе придонесе и самите да започнат да размислуваат за некаква промена во звукот и за снимање на свој деби албум.
„Кон крајот на 2007 година ќе започнат со ‘електрификација’ на составот кој го прошируваат со Никола Дрвошанов на бас гитара и повторно го повикуваат стариот пријател Горан Попоски да седне зад тапаните. Интензивните проби на кои ќе ги преаранжираат старите песни се и почетоци на создавањето на комплетно нов материјал кој неминовно било и да се сними. За само една ноќ ќе влезат во студиото ‘Кларион’ и ќе ги наснимат тапаните, а останатите инструменти било планирано да се снимат во импровизираното домашно студио на Деан, но процесот некако не добивал посакуван тек“, стои во „Македонска рок енциклопедија“.
На 11 ноември 2008, пред финално да прекинат со свирки во 2009, ќе настапат уште еднаш во живо во „Канал 103“, овојпат во емисијата „Ако никој не свири”, со желба да ги најават материјалите за својот деби албум. Ова е токму настапот од кој произлезе овој албум – „From the Dust“. „KLO“ на ова издание се Соња Димитриоска – вокал и флејта, Деан Змејкоски – гитара, Никола Дрвошанов – бас и Никола Попоски на тапани.
Изданието може да се слушне и поддржи преку платформата Бендкемп.
Албумот е снимен од Ален Хаџи-Стефанов. Миксот е на Деај Змејкоски. Омотот е на Кристина Велковска, додека дизајнот на омотот – Тања Вукобрат.
Бојан Шашевски
Фотографии во галерија: Канал 103