Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

Судијата Александар Камбовски со 13 гласа едногласно е избран за претседател на Судскиот совет денеска, 3 јануари, на седница на советот.

„Бидете уверени дека оваа институција ќе се води со интегритет, непристрасност, со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во нашата држава. Ова е куќа на судиите, за судиите. Покрај тоа што ја контролираме нивната работа, ние ги охрабруваме да работат согласно законите, согласно уставот. Сите тие судии кои постапуваат на овој начин ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка. Да се охрабрат, да постапуваат и да не потпаѓаат под никакви влијанија. Оние другите судии кои не постапуваат на овој начин исто така ги уверувам дека нема тоа да помине без никаква одговорност“, истакна Камбовски во изјава за медиумите.

Денешниот избор на претседател на Судскиот совет доаѓа откако досегашната претседателка Весна Дамева поднесе неотповиклива оставка пред еден месец поради тоа што, како што рече, политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, се обидуваат да го нарушат нејзиниот интегритет.

Мандатот за оваа позиција трае две години.