Александар Николовски е избран за прв претседавач на Националното студентско тело

Националното студентско тело во саботата одржа седница на која за претседавач на телото беше избран Александар Николовски, претседателот на Универзитетското собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Николовски беше избран за преседавач од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите: Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски Универзитет во Европа ФОН и Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

„Националното студентско тело има за цел да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите“, се вели во соопштението.

Дел од кандидатурата е и акциски план, кој ново-избраниот претседавач го доставил со следниве краткорочни цели:

  • Националното студентско тело да добие правна форма;
  • Преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права
    во земјата;
  • Инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото;
  • Инкорпорирање на Резолуцијата во програмата на телото;
  • Инкорпорирање на целите на Студентскиот манифест потпишан од 5 Универзитетски студентски собранија во програмата на
    телото;
  • Повик за придружување на останатите функционални Универзитетски студентски собранија кон телото;
  • Телото да стане дел од Интеруниверзитетската конференција – ИКРСМ ;
  • Зголемување на соработката и координацијата помеѓу Универзитетските студентски собранија, за подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот;
  • Поддршка на работата на Универзитетските студентски собранија;
  • Апликација за придружување кон НМСМ;
  • Апликација за придружување кон Европската Студентска Унија;

Дел од планот се овие долгорочни цели:

  • БЕСПЛАТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ НА ЈАВНИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ – преку Националниот совет за високо образование, во соработка со Универзитетите, МОН и Владата;
  • ПОДОБРУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКИОТ СТАНДАРД – Итно носење на новиот Закон за младински стандард;
  • ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКИТЕ ПРАВА – Измени во Законот за високо образование;
  • КВАЛИТЕТНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ – во соработка со Агенцијата за акредитација, Агенцијата за евалуација, Универзитетите и МОН;
  • КАРИЕРНИ МОЖНОСТИ – соработка со АВРСМ, МОН, Центрите за Кариера и бизнис секторот;
  • ДИГИТАЛИЗАЦИЈА – Притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 – 2027, каде е предвидена целосна дигитализација во високото образование,
  • ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА – во соработка со надлежните институции, изработка на стратегија за привлекување на поголем број на странски студенти, согласно праксата во регионот;
  • АВТОНОМИЈА – остварување на реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети. Поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање на студиски програми.

Целите, како што се вели во кандидатурата, во текот на мандатот ќе бидат доработени заедно со претставниците на другите студентски собранија.