„Речиси една година откако е формиран овој Управен одбор сѐ уште нема ниту блага назнака за тоа кога би се распишал конкурс за нов директор. Ова нѐ става во ситуација кога почнуваме да спасуваме сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што сакаме со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјата. Една сезона е зад нас и мислам дека е недозволиво уште една сезона да помине со недефинирана мисла и програма“, рече Поповски.
Тој посочи дека не било можно да се назначи уметнички раководител на МНТ во текот на целата измината година поради нејасен статус на работното место на Дејан Пројковски кој по поднесената оставка на местото директор, во систематизацијата на МНТ фигурира и како режисер и како уметнички директор.
Покрај тоа, работата била отежната и од нерасчистена ситуација во однос на моменталните финансиски обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обврски за комуналии. Според него, постои основ на сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра.
„За оваа ситуација го известивме Министерството за култура и службите на МВР. Ние не сме тие кои можат да направат проценка дали во овој случај има злоупотреба и затоа документите ги предадовме на надлежните институции“, рече Поповски.
Останатите четворица членови на Управниот одбор (Петар Арсовски, Зоја Бузалковска, Драгана Костадиновска и Нина Николиќ) решиле да останат во Одборот и да се борат преку институциите.
„Влегов со искрена намера да помогнам оваа куќа да порасне, но не сакам да бидам дел од нејзиното тонење. Мојата лична оставка нека биде почеток за отворање сериозна дебата за културата во Македонија и повод новиот министер за култура да се заинтересира за оваа состојба. Во културата треба да се мрднеме од местото каде што сме затоа што сега одиме по инерција“, рече Поповски.
МИА