Секоја година низ цела земја обучуваме 1.200 млади на возраст од 13 до 17 години. Тие се секојпат нови, потенцијални волонтери. Ги учиме теоретски вредности, но и како теоријата да се спои со пракса – како да изработуваат мали дела за добробит за заедницата. Добиваат брза обука, инстатна, па веќе се на терен со насоки, прават проценки, разговараат со целните групи. Често се собираат средства за реновирање купатила, купување на шпорети и фрижидери, исто така и еколошки проекти, за помош на лица во ризик, операции за различни деца, се организираат театарски претстави, продаваат колачи… Значи, го користат своето слободно време на добар, организиран и конкретен начин да ја сменат својата дневна рутина за да помогнат во заедницата, вели Александра Ристовски, координаторка на програмата за регрутирање во Црвен крст.
По повод 5 декември, светскиот ден на волонтерството, таа зборува за вредностите и предностите на волонтерството, се’ со цел да направат сплотени и козистентни заедници што треба да одговорат на предизвиците кои можат да се случат секојдневно.
Ристовски посочува дека волонтерите биле и ќе бидат една посебна група на луѓе која не секогаш била добро разбрана во општеството. Секогаш има некој кој се сомнева во нивната побуда да направат добро, да го сменат светот (читај улица), да подарат некој волонтерски час во својата заедница, да рашират позитивна енергија, да донесат и пренесат насмевка заради својот труд.
„Секогаш некој друг знае подобро од нив ‘зошто тие тоа го прават сигурно за пари’, ‘за некое патување’, ‘за маица’… Обично тие што знаат немаат ниту еден час волонтерска работа. Но, ние се навикнавме на ‘експертите’, и ги сфаќаме како да им е тоа хороскопски знак“, потенцира Ристовски.
За координаторката нема сомнеж дека волонтерите имаат свои правила, принципи и закони по кои функционираат. На почеток се обидуваат да им објаснат на другите, но потоа престануваат и го движат светот како што тие сметаат дека треба.
„Нивниот свет е шарен, добар, носат среќа во себе и истата знаат да ја пренесат на другите. Знаат да пофалат и да уважат некој друг. Ценат мали нешта бидејќи знаат и виделе како нештата може да отидат во друга насока. Знаат дека несреќата и катастрофата не тропа на врата како поканет гостин туку доаѓа наеднаш и непоканета. Волонтерите го нашле својот таен рецепт за среќа. Таен, но достапен за сите. Секој може да биде волонтер и секој може да влева надеж“, вели Ристовски.
Таа нагласува дека денешниот ден, 5 декември, го одбележуваат малку на поинаков начин, пред се’ и заради трагичните настани кои се случија во Македонија.
„Сабајле 30 волонтери беа дел од акција во училиштето ‘Златен Сремец’, каде волонтерите беа поделени во две групи. Едната го средуваше дворот на училиштето, со одговорни наставници, каде поставија корпи, клупа, беа засадени садници, за да остане нешто трајно што ќе го промени животот и на тие деца“, посочува Ристовски.
Другата група, пак, имала креативни работилници со учениците во самото училиште, каде преку дидактични материјали го разувавувале нивниот ден. На крај била украсена елка и биле поделени новогодишни подароци.
„Можеби рано, но не толку рано, бидејќи парите кои се собрани за овој настан се всушност резултат на недела на стари лица. Тие исто така се волонтери, но лица во трето доба, кои со своите вешти раце плетеа, правена разни работи, па ги продаваа сами со амблемите на Црвен крст. И, потоа тие пари, на нивна желба и иницијатива, се наменети токму за овие деца“, објаснува Ристовски.
Попладневниов ден, пак, беше наменет за прогласување на 20-те најдобри волонтери на територијата на Град Скопје, каде каде функционираат 5 општински организации на Црвен Крст. Исто така, признанија и за најдобрите крводарители, општинска организација која направила најмногу постигнувања…
„На еден ваков начин, сакаме да се зборува за позитивниот пристап, да се уважи работата на волонтерите и да се валоризира сето тоа што навистина го прават во заедницата. А, во изминатиов период видовме колку несреќи и катастрофи ни се случуваа во нашата земја, но и на рутата на миграции, каде без нашите волонтери немаше да има постигнувања“, нагласува Ристовски.
На прашањето дали младите можеби уште од мали не треба да ги учиме што сакаат да бидат, туку како да помагаат, таа повторно се осврнува на волонтерската работа.
„Додека јас и ти ова го зборуваме, позади мене има една табла. На неа има фотографија со мајка со дете во количка, а децата (волонтери) направиле рампа да се симнат. Работат со децата Роми кои не се дел од образовниот систем. Реновираат болница во Тетово, разговараат за различни култури, бидејќи преку оваа програма правиме доближување за различни етнички групи и создаваме некаков комуникациски канал. Ама, оставиме сами да ја прават проценката. Тие да видат она што е потребно, тие да разговараат со самохрани родители, а не ние возрасните. Едноставно, ги учиме не некој друг да ги прави промените, туку им викаме ‘ајде, имате 15 години, ама што може да направите?“, посочува координаторката од Црвен крст.
Бојан Шашевски