Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој моментално се наоѓа во затвор, денеска изјави дека го прекинува штрајкот со глад, откако му била укажана лекарска грижа и откако лекарите го предупредиле дека ако продолжи со штрајкот, животот ќе му биде загрозен, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Во објава на инстаграм, на 24-тиот ден од штрајкот со глад, тој изјави дека ќе продолжи да бара да биде прегледан од неговиот лекар, поради губење на чувството во рацете и нозете.
Тој додаде дека, сепак, ќе го прекине штрајкот откако бил прегледан од лекари кои не се дел од затворот, што тој го нарече „огромен напредок“.
Навални наведе дека благодарение на поддршката на голем број луѓе ширум земјата и светот, е постигнат огромен напредок.
Тој започна штрајк со глад на 31 март во знак на протест против одбивањето на затворската управа да му дозволи да го посетуваат неговите лекари, откако почувствува остри болки во грбот и чувство на вкочанетост на нозете.
Инаку, пред два дена десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ повеќе руски градови во поддршка на Навални, откако неговите сојузници повикаа на протести.
Навални беше уапсен во јануари по неговото враќање од Германија, каде помина пет месеци опоравувајќи се од труење за кое го обвини Кремљ. Руските власти ги отфрлаат овие обвинувања. Тој беше осуден на 2 и пол години затвор поради прекршување на неговата условна казна од друг процес во 2014 година.
Преку илјада луѓе уапсени во протестите за Навални низ Русија