Дуото Виктор Танасковски и Ива Дамјановски алијас „Алембик“ утре (петок, 21 јули) од 21 часот ќе настапуваат во „Jazzy“.
Танасковски свири на електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал, додека Дамјановски – клавијатури, вокал, теремин. Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи. Оттука и идејата позади името.
„Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 и е посветен на конфликтот, но и возможната симбиоза на природата и технологијата, инспириран подеднакво и истовремено од звукот на градскиот метеж колку и од птичји и китовски песни“, стои во најавата.
Досега имаат реализирано настапи како дел од програмата на „Млади за Скопје“, ноември, 2020, како и видео настапите како дел од програмата на Културен Центар – „Јадро“, „Voice of Youth“ во организација на Youth Council, на емисијата „HelloGoodbye“ на радио Амок и ред други.
„Овој пат конечно ќе имате прилика да ги слушнете и кај нас“, велат од „Jazzy“.
„Алембик“ во интервју со Радио МОФ кажаа дека нивната приказна ја стартувале спонтано, без идеја дека делата ќе прераснат во албум. Едноставно, заедно почнале да прават музика, а потоа полека се изградил концептот за судирот и синтезата на природата и технологијата.
„Приказната се случи со ‘Алба Верде’ (Alba Verde), првата трака. На некој начин, се сврза албумот да почне со ‘зелената зора’ и да заврши со ‘Curfew Sunset’. Долго време немавме видено зајдисонце поради полицискиот час што се случуваше пред зајдисонце, во лето. И во суштина, го направивме многу стихијно, работејќи на сите музички идеи. Сите оние експерименти и музички идеи што сме сакале да ги пробаме – ги пробавме во албумот. Тоа резултираше со албум што има толку жанрови колку што има песни. А, приказната околу технологијата и природата, некако се согласивме дека тоа е релевантен конфликт и го приметивме низ нашиот музички процес“, објасни Ива во интервјуто.
[Интервју] „Алембик“: Синтеза меѓу природата и технологијата
Бојан Шашевски