Македонскиот уметник Ален Реџепагиќ со инсталацијата “Крик” учествува на 30. по ред Интернационален фестивал “Сарајевска зима” БиХ, што од вчера до 10 март ќе се одржи во галеријата “Нови храм”.
Рецензентот, историчарот на уметноста Конча Пирковска за инсталацијата ќе истакне дека неговите протагонисти се анонимни субјекти=објекти од кои, и пред кои замижуваме, се плашиме, не за нив, туку за себе, зашто во Тие-Другите, се препознаваме себеси, зашто Тие, сме Ние. Тие ја претставуваат другата страна на нашата мрачна огледална слика, која е одраз на емотивната празнина во која отсуствува нашата одговорност, солидарност и милосрдие кон Другите.
– Со овој критички проект, авторот јасно апелира на сеопфатната одговорност во глобалниот свет, што тргнува од другиот и ги надминува сите видови насилства, во сите сфери на човечкото егзистирање. Во него се сублимирани фундаменталните етички принципи кои ги препознаваме во двете верзии за „асиметричниот“ Друг, како кај Левинас, така и кај Достоевски. Левинас не потсетува дека единствената вредност и мисија на човечкиот живот е „човечката способност да му даде приоритет на Другиот пред себеси“, а Достоевски низ неговиот императив, не опоменува дека „Сите ние сме одговорни за се, а јас повеќе од друите.“ Во сопственото Јас, негувањето на посочената одговорност кон Другите подразбира да се идентификуваме себеси како слободни и етички битија, вели Пирковска.
Ален Реџепагиќ роден е во 1973 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Беди Ибрахим. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работи во повеќе медиуми – скулптура, инсталација, сликарство.
Досега реализирал четири самостојни и повеќе групни изложби (Скопје, Охрид, Гевгелија, Р. Бугарија).
Во 2007 година учествувал на интернационалниот симпозиум за скулптура од дрво во Јасна Полјана – Р.Бугарија. Добитник е на годишната награда за скулптура на ДЛУМ – “Јордан Грабул” (2010). Живее и работи во Скопје.