Кинескиот гигант во трговијата на интернет, компанијата Алибаба сака да воведе нов начин за плаќање, кој ќе ги замени платежните картички и сервисите како Пејпал – во иднина, купувачите би можеле да платат со едноставно скенирање на лицето на својот смартфон.
Еден од основачите на Алибаба и воедно најбогатиот Кинез, Jack Ma, вели дека опцијата за препознавање на лица, што носи име Smile to Pay би можела да стане реалност за релативно кратко време. Зборувајќи на конференцијата CeBIT во Хановер, Германија, Ma ги истакна опасностите кои со себе ги носи сегашниот начин на плаќање преку интернет, кој вклучува лозинки и безбедносни ризици.
„Плаќањето онлајн секогаш носи големи главоболки. Денеска ви претставуваме нова технологија која ќе ја одбележи иднината“, рече Ma.
Jack Ma demonstrates the future of payment technology @cebit pic.twitter.com/PUQWyguRvc
— Alizila.com (@Alizila) March 15, 2015
Денострацијата на новата технологија доаѓа во време кога сите големи технолошки компании како Самсунг, Гугл и Епл се обидуваат да постигнат сопствен напредок во плаќањето преку мобилните платформи. Епл, на пример, се концентрира врз подобрувањето на безбедноста и функционалноста на скенирањето отпечатоци од прсти. Потегот на Алибаба е различен, но тој со себе носи поинакви предизвици, пред се – како да се обезбеди заштита од скенирање на нечија фотографија или презентација на нечие лице.
Опцијата за скенирање на лица, според претставниците на компанијата, е се уште во развој, а засега нема одреден датум на кој би била достапна.
Алибаба лани во септеври собра 25 милијарди долари на јавната понуда на акции, која беше најголема во историјата. Компанијата оттогаш инвестира во серија ветувачки стартапи, вклучитечно и во наводна инвестиција од 200 милиони долари во Снапчат, а започна да се шири и на нови пазари, меѓу кои и во Соединетите Држави.