Петнаесет нумери изведени од македонски алтернативни артистки се најдоа во компилацијата „Некои девојки“ која беше промовирана минатиот месец во Младинскиот културен центар. Албумот покрај во форма на ЦД, веќе е достапен за преземање на Интернет.
Алтернативниот „женски“ албум, кој покрај македонските го промовираа и регионалните портали, има песни од домашни пејачки и групи кои се дел од актуелната независна музичка сцена.
Најголемиот дел од овие композиции за првпат се објавени на носач на звук, а добар дел од нив се специјално креирани за потребите на компилацијата. Помеѓу изведувачите има и дебитанти, но и добро познати имиња со повеќегодишно искуство.
На компилацијата се појавуваат Кристина Горовска од „Бернајс пропаганда“, Билјана Мирковски која настапува под името Девојка, Галатеа, Грин Фуз, Херзел и Геновева, G-Rough, Бојана Низамовска- Бомза – лидерка на бендот „Џун“, Нина Георгиева, Плава, Првата Дама, Куајет Хирошима, Слит, Телемама и Ундон.
Албумот е во издание на „Ако никој не свири“ и Младинскиот културен центар – Скопје. Линк за бесплатно преземање може да најдете ТУКА.