Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди локалните добавувачи на амбасадите и конзулатите на САД во странство, како и добитниците на американски грантови, дека мора да ја почитуваат забраната за програми за промовирање на разновидноста, еднаквоста и инклузијата, во спротивно ризикуваат да ги изгубат средствата што им се исплаќаат.
„Американската амбасада во Шпанија, како и сите наши амбасади низ светот, ги известува нашите локални добавувачи на производи и услуги за новите правила, засновани врз неодамнешните укази на претседателот Трамп“, изјави портпарол на амбасадата на САД во Шпанија.
„Сакаме да осигуриме дека нашите партнери ќе ги почитуваат сите федерални закони против дискриминација и дека добавувачите нема да учествуваат во програми што промовираат разновидност, еднаквост и инклузија на начин што е во спротивност со постојните федерални закони“, додаде тој.
Писмените предупредувања ја одразуваат намерата на Трамп да ја прошири примената на указите што ги потпиша во јануари и надвор од границите на САД. Тие укажуваат на тоа дека владините агенции треба да ги укинат политиките за разновидност, еднаквост и инклузија во федералните институции, кај федералните подизведувачи и во приватниот сектор.
Ова предизвика правни дилеми во САД, имајќи предвид дека долг период американските компании поддржуваа вакви политики, користејќи податоци за расна и етничка припадност за да поттикнат разновидност при вработувањето и други корпоративни практики.
Во писмо испратено до компании надвор од САД се наведува дека непочитувањето на новите барања ќе резултира со замрзнување на исплатите кон добавувачите.
Еден од засегнатите е и германскиот автомобилски гигант БМВ, кој добил писмо од американската амбасада во Бугарија, каде што компанијата продава автомобили. Во дописот се бара БМВ да ги преиспита своите политики за разновидност, еднаквост и инклузија, изјавил еден службеник. Во изјава за Ројтерс, како што пренесе БТА, БМВ порача: „Различните перспективи и таленти ја прават нашата компанија посилна и придонесуваат за јакнење на нашата иновативна сила и конкурентност“.