Американската телевизија Ем-Ес-Ен-Би-Си (MSNBC) ја објави даночната пријава за 2005 година на Доналд Трамп, кој досега одбиваше да открие какви и колкави даноци плаќал, пренесоа светските агенции.
Телевизиската водителка Рејчел Мадоу кажа дека документот го добила од независниот истражувачки новинар Дејвид Кеј Џонсон. Тој, пак, во нејзината емисија изјави дека пријавата ја добил во својата домашна пошта.
Милијардерот во 2005 година платил 36,5 милиони долари федерални даноци за остварен приход од 152,7 милиони или даноците изнесувале околу 24 отсто од неговиот доход.
Неколку минути пред емисијата, Белата куќа пред новинарите побрза да ги објави овие бројки, со незначителни разлики.
Доналд Трамп постојано одбиваше да ги објави своите даночни пријави, во спротивност со долгогодишната американска традиција кандидатите за претседател да ги направат јавно достапни.
Медиумите уште од минатата година се обидуваат да дојдат до даночните пријави на Трамп, за да ги утврдат изворите на неговите примања и евентуалниот конфликт на интерес.
Весникот „Вашингтон пост“ објави дека Трамп понекогаш не ги плаќал федерални даноци, вклучувајќи ги и двете години од крајот на 70-те години на минатиот век.