Користејќи традиционална технологија која е евтина за производство, вакцината „Корбевакс“ нуди потенцијално решение за вакциналната нееднаквост, пренесува „Al Jazeera“
Обиколувајќи ги забраните за патентирање на големите фармацевстки компании, докторите Елена Ботази и Питер Хотез од медицинскиот колеџ Бејлор, како и Детската клиника за вакцинален развој во Тексас, користеле традиционална вакцинална технологија која може брзо да се прошири и да помогне во вакцинирањето ширум светот.
„Постојат земји кој имаат смешно низок процент на вакцинација, како и тежок пристап до вакцини. Ние мораме да работиме подобро и да го вакцинираме целиот свет“, изјавила Ботузи.
Досега во светот се произведени околу 10 милијарди вакцинални дози, но над 70 отсто од вакцините кои биле произведени минатата година се употребени во богатите нации, велат јавните здравствени експерти.
Две години од почетокот на пандемијата, големи делови од светот и понатаму остануваат невакцинирани, и тоа во време кога се создаваат нови варијанти од коронавирусот.
Додека големите производители како „Фајзер“ и „Модерна“ и понатаму се борат да ги зачуваат правата на интелектуална сопственост, Ботази и Хотез создале вакцина која може да се употребува од сите вакцинални производители ширум светот.
Наречена „Корбевакс“, вакцината се базира на конвенционални методи на продукција и е моделирана според вакцината која парот ја создал за да се бори против САРС, нишка на коронавирусот која се прошири во раните 2000 години.
„Корбевакс“ веќе е дозволена за итна употреба во Индија, каде производителите на вакцини произведуваат околу 100 милиони дози месечно, велат Ботази и Хотез.
Лиценцата за производство е веќе дозволена и во Бангладеш и Индонезија, а во тек се разговори за производство и во Боцвана, што значи дека стотици милиони дози наскоро можат да бидат локално произведени во земји каде вакцините против ковид се најпотребни.
„Ако исклучиво користиме само мРНА технологија, никогаш нема да го вакцинираме целиот свет“, изјавила Ботази.
Индиските власти велат дека просечната цена на „Корбевакс“ ќе биде два долари од доза, а предвидената ефикасност е околу 90 отсто.