Легендата на американската стенд-ап комедија Боб Њухарт, кој со својот стил на испорака на текст освои бројни награди низ кариерата, почина вчера во својот дом на 94 годишна возраст, информира неговиот публицист Џери Дигни, а пренесува Би-Би-Си.
Њухарт ја започнал својата стенд-ап кариера во 1959 година така што снимил неколку комични снимки од чиста забава додека работел како сметководител во Чикаго. Го открил локален диџеј и го препорачал кај тогаш новоформираната „Warner Bros Records“.
Во 1960 година на винил го снимил својот комичен албум „The Button-Down Mind of Bob Newhart“, со кој се стекнал со национална слава и ја освоил Греми наградата за албум на годината. Тоа бил првиот комичен албум кој се издигнал на врвот на топ листите. Потоа, објавил уште 7 албуми и продал милиони копии.
Њухарт е познат како пионер на стенд-ап рутини кои вклучуваат долги приказни, со низа смешни изјави во текот на целиот настап, наместо една шега на крајот.
Покрај неговата телевизиска серија „The Bob Newhart Show“, тој низ годините се појави во многу познати ситкоми. Неодамна глумеше во божиќниот филм „Elf“ и комичните серии „The Big Bang Theory“ и „Young Sheldon“. Се има појавено и во „Desperate Housewives“, „NCIS“, „Legally Blonde 2“ и многу други.
Њухарт, кој ја сакаше публиката, никогаш навистина не се пензионираше и сè уште играше на холивудските сетови и сцени низ неговите 80-ти.
„Каков сон беше да се биде сведок на генијот што беше Боб Њухарт. Беше елегантен, љубезен, дарежлив и апсолутно смешен“, напиша Кејли Куоко, која работеше со Њухарт во „The Big Bang Theory“, на Инстаграм.
Од Њухарт се збогуваа неговите четири деца и многуте внуци, а неговата сопруга Вирџинија „Џини“ Њухарт почина минатата година на 60 години.