Американскиот новинар и филмаџија Брент Рено вчера загина во украинскиот град Ирпин, на периферијата на Киев откако бил застрелан од припадници на руската армија, известија украинските власти.
50-годишниот Рено работел за магазинот Тајм, а покрај него во нападите повредени биле уште двајца новинари кои се пренесени во болница.
Ова е прв регистриран случај на загинат странски новинар кој известува за војната во Украина.
Еден од повредените новинари, Хуан Аредондо, за медиумите изјавил дека бил заедно со Рено кога кон нив бил отворен оган.
„Поминувавме низ еден од мостовите во Ирпин, одејќи да ги снимиме бегалците кои заминуваат и влеговме во автомобил. Некој ни понуди да не пренесе на другата страна од мостот и потоа започнаа да пукаат во нас. Возачот ја сврте колата, но продолжија да пукаат по нас. Бевме двајца во автомобилот и забележав како мојот пријател Брент Рено беше погоден во грбот“, изјавил Аредондо.
Главниот уредник на Тајм, Едвард Фелсентал и претседателот на компанијата Јан Орефис, преку соопштение посочија дека се шокирани од загубата.
„Како наградуван филмаџија и новинар Брент се впушташе во најтешките стории низ светот“, стои во соопштението.
Рено имал известувано од Авганистан, Ирак и Хаити. Добитник е на Наградата „Пибоди“ за неговата работа на серијалот стории за училиштата во Чикаго во 2014 година.
Смртта на Рено доаѓа две недели откако украинскиот новинар Јевгени Скаум и камерман на украинската телевизија „Лајв“ беа убиени во гранатирање на телевизиската кула во Киев.