Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, соопшти дека тој и неговата сопруга Меланија Трамп добиле позитивни тестови на коронавирусот и дека се наоѓаат во карантин.
Трамп, кој има 74 години и со тоа се наоѓа во групата на луѓе со висок ризик од Ковид-19, оваа информација ја објави на Твитер со порака: „Ќе поминеме низ ова заедно“.
Tonight, @FLOTUS and I tested positive for COVID-19. We will begin our quarantine and recovery process immediately. We will get through this TOGETHER!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) October 2, 2020
Докторот на претседателот, Шон Конли, во соопштение во јавноста објави дека претседателот и првата дама во моментов се во добра состојба и дека планираат да останат во Белата Куќа додека не се закрепнат од вирусот.
„Очекувам претседателот да продолжи да ги извршува своите обврски без никакви пречки додека се опоравува, а јас ќе продолжам да ја известувам јавноста за секоја идна промена“, напишал Конли.
Позитивниот тест доаѓа откако една од најблиските соработнички на претседателот, Хоуп Хикс, беше позитивна на коронавирусот. Таа патувала со него во претседателскиот авион за првата претседателска дебата со неговиот противкандидат Џо Бајден.
Трамп често беше критичен кон препораките за носење маски и редовно беше забележуван при официјалните настани како не се труди да одржува дистанца од неговите соработници.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.