Американскиот Сенат со гласање го усвои предлог-законот за забрана на вработените да ја користат кинеската апликација за споделување видеа „TikTok“ на уредите во државна сопственост, пренесува „Гардијан“.
Предлог-законот сега треба да биде одобрен од Претставничкиот дом на САД пред да оди на одобрување кај претседателот Џо Бајден. Претставничкиот дом ќе треба да го усвои предлог-законот во Сенатот пред да заврши тековната конгресна седница, која е најавена за следната недела.
Ваквиот предлог-закон е дел од акцијата на САД врз кинеските компании, поради стравот за националната безбедност, односно стравот дека Пекинг би можел да ги искористи податоците собрани при користење на апликацијата за шпионирање на Американците.
Претходно оваа недела, Северна Дакота и Ајова им се придружија на растечкиот број држави во забраната на „ТикТок“ на државни уреди поради загриженост дека податоците може да бидат искористени од кинеските власти.
Многу американски државни сектори како одбраната, Агенцијата за национална безбедност и државната администрација веќе забрануваат апликацијата да биде инсталирана на државните уреди.
Од „TikTok“ велат дека одлуката се базира на дезинформации, а посочија дека компанијата со задоволство би се сретнала со надлежните лица за да се разговара за своите практики.
„Разочарани сме што државите одлучуваат ‘слепо’ да ги воведуваат практиките кои ги гледаат кај други држави и носат одлуки засновани на лаги“, велат од компанијата.
Други американски држави кои работат на слични одлуки се Тексас, Мериленд и Јужна Дакота.