Вселенското летало „Одисеј“ изградено и управувано од приватната компанија „Интуитив Машинс“ во Тексас, САД, а финансирано од НАСА, вчера (22 февруари) околу 23:23 часот слета на површината на Месечината, пренесува Ал Џазира.
„Денес, за прв пат по половина век, САД се вратија на Месечината. Денес за прв пат во историјата на човештвото комерцијална компанија го спроведе патувањето до таму. И денес е ден кој ја покажува моќта на комерцијалните партнерства на НАСА“, рече администраторот на НАСА, Бил Нелсон.
Тој го опиша слетувањето како „триумф за човештвото“ и „нова авантура во науката, иновациите и американското лидерство во вселената“.
Успешното слетување било проследено со напнатост поради тоа што контролорите на летот морале да се префрлат на непроверен систем за слетување, откако се појавил проблем со автономниот систем за навигација на вселенското летало.
„Одисеј“ беше лансиран на 15 февруари од Флорида со ракета „Фалкон 9“ на „Спејс Икс“, а се очекува да биде во функција една недела на површината на Месечината поради тоа што работи на соларна енергија.
Инаку, последното слетување на САД на Месечината беше во 1972 година кога „Аполо 17“ ги однесе астронаутите Џин Сернан и Харисон Шмит на површината на Месечината.