Бројот на егзекуции ширум светот го достигна највисокото ниво од 2015 година, како резултат на големиот пораст во Иран, соопшти организацијата за човекови права „Амнести интернешенл“ во својот годишен извештај за смртната казна, пренесува Н1.
Организацијата со седиште во Лондон забележала 1.153 егзекуции во 2023 година ширум светот, а во извештајот не е вклучена Кина, која не ги објавува своите податоци, што е зголемување за повеќе од 30 отсто во споредба со 2022 година.
Бројот на изречените смртни казни се зголеми за 20 отсто и достигна вкупно 2.428 случаи.
Според организацијата, петте земји со најмногу егзекуции во 2023 година се Иран, Саудиска Арабија, Сомалија, САД и Кина, каде што се проценува дека имало неколку илјади.
Само во Иран се погубени 853 лица, што е за речиси 50 отсто повеќе отколку во 2022 година.
„Иранските власти покажаа целосен презир кон човечкиот живот“, рече генералната секретарка на „Амнести интернешнл“, Ањес Каламар.
И покрај ваквото зголемување на бројот на егзекуции во 2023 година, концентрирано особено на Блискиот Исток, земјите кои спроведуваат смртна казна се сè поизолирани, посочи таа. Нивниот број минатата година падна на 16, што е најниско ниво досега. Не беа регистрирани егзекуции во Белорусија, Јапонија, Мјанмар или Јужен Судан, каде што имаше имаше егзекуции во 2022 година.
Пакистан ја укина смртната казна за престапи поврзани со дрога, додека Малезија го укина автоматското изрекување смртна казна за некои злосторства.