Меѓународната организација „Амнести интернешнл“ повика на „храбра акција“ за да се се промени ерозијата на човековите права на жените и девојчињата во изминатата година, јавува „Радио Слободна Европа“. Организацијата во соопштението на 8 март, кога се слави Меѓународниот ден на жената, рече дека многу земји ја укинале правната заштита, оставајќи ги жените и оние кои ги бранат нивните права на „невиден ризик“.
„Настани во 2021 година и во првите месеци од 2022 година поставија добро тло за уништување на правата и достоинството на милиони жени и девојки. Ниту едно општество не може да си дозволи или не треба да толерира такви ерозии на достоинството за повеќе од половина од своето население“, рече генералната секретарка на „Амнести интернешнл“ Агнес Каламар.
Во соопштението се истакнува маката на жените заробени во конфликтните зони како Украина, од каде во соседните земји побегнаа повеќе од 1.7 милиони луѓе, главно жени и деца.
„Денес низ Украина и поширокиот регион, жените и девојчињата повторно се во сериозен ризик“, се вели во соопштението на организацијата, додавајќи дека во областите во источна Украина погодени од повеќегодишниот конфликт помеѓу владините сили и сепаратистите поддржани од Русија се зголемени стапките на родово базирано насилство и дека е ограничен пристапот до основни услуги.
Пандемијата на коронавирусот и уназадувањето на правата на жените во Авганистан беа меѓу настаните кои несразмерно влијаеја на правата на жените и девојчињата во изминатите 12 месеци, рече Каламар.
Таа, исто така, го наведе „раширеното сексуално насилство што го карактеризира конфликтот во Етиопија, нападите врз пристапот до абортус во САД и повлекувањето на Турција од значајната Истанбулска конвенција за родово базирано насилство“ меѓу факторите кои ја влошија состојбата.