Во годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот, објавен денеска, Амнести интернешнал оценува дека во Македонија имало се поголемо ограничување на слободата на изразување. Амнести го осудува срамниот и неефикасен глобален одговор на конфликтите и кршењата на човековите права, објави Радио Слободна Европа.
Во извештајот Амнести интернешнал прецизира дека владата потрошила еден насто од нејзиниот буџет за огласување во и фаворизираните провладини медиуми. Меѓународните организации јавиле и за тоа дека покривањето на изборите било во полза на владејачката партија.
За време на нередите во мај во Скопје полицијата запленила опрема на три медиуми и ги избришала нивните снимки.
Политичарите продолжиле да поднесуваат тужби за клевета против новинарите, а наведен е и случајот со новинарот Томислав Кежаровски кој бил пуштен на домашен притвор по протестите од меѓународни организации.
Исто така се наведува дека властите вршат прекумерно влијание врз полицијата и судството.
Во извештајот се додава дека односите меѓу Македонците и Албанци остануваат неизвесни. Притоа се спомнуваат протестите во Ѓорче Петров по убиството на едно македонско момче и по пресудата на шестмина Албанци за убиството на пет луѓе во близина на Скопје во 2012 година.
Властите во Македонија, како што се наведува, не успеале да спречат и да заштитат припадници на Ромите, но и на ЛГБТИ заедницата од дискриминаторски напади.
Амнести посочува и на тоа дека по шести пат била одложена препораката на Европската комисија за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската унија.
За ситуацијата во светот, Амнести интернешнал соопшти дека 2014 била катастрофална година за милиони луѓе и го осуди, како што оценува, срамниот и неефикасен глобален одговор на конфликтите и кршењата на човековите права од страна на владите и вооружените групи.
„Нашиот извештај за оваа година обезбедува прилично шокантни детали за ужасно насилство и кршење на човековите права со кои се соочија цивилите од Сирија до Украина, од Нигерија до Газа. Но, досегашниот одговор беше лош. Ние велиме срамен, изјави генералниот секретар на Амнести Салил Шети во Лондон, додавајќи дека во тоа своја одговорност има и Советот за безбедност на Обединетите нации.
Насилствата доведоа до една од најстрашните бегалски кризи во историјата, при што бројот на раселените е над 50 милиони.
Целиот извештај е достапен на овој линк.