Организацијата за заштита на човекови права Amnesty International го објави Detekt – бесплатен софтвер против следење и шпионирање, со кој се надева дека ќе им помогне на сите политички дисидент и новинари да се скријат од властите, пренесе It.com.mk
Станува збор за софтвер со отворен код, наменет за оперативниот систем Windows, а алатката пребарува за какви било траги од познат шпионски софтвер на компјутерот на корисникот. Алатката е создадена во соработка со Privacy International, EFF, Digitale Gesellschaft и хакерот и активист Nex (Клаудио Гуарниери), кој всушност е автор на алатката.
Од Amnesty International велат дека владините шпионирања се добро документирани, како што е примерот со неодамнешните откритија за глобалното набљудување на интернетот од страна на американската Национална агенција за безбедност (NSA) и дека мора да се најде начин да се заштитат луѓето кои се клучни во борбата за поголема транспарентност и човековите права.
Еден од проблемите со кои се соочуваат издавачите на софтверот е прашањето дали воопшто е одговорно да се издава антишпионски софтвер за кој веќе се знае дека можеби и не ги открива сите опасности, кои за дел од корисниците можеби значат опасност и по животот.