Наскоро ќе биде нелегално да се пуши марихуана во Улицата на црвени фенери во Амстердам, откако градските власти усвоија нов закон.
Законот, кој ќе стапи на сила во средината на Мај, треба да го подобри животот за жителите на овој светски познат кварт кои долго време се жалат на проблемите кои ги имаат со големиот број туристи.
Истовремено законот предвидува сексуалните работници да ги затворат своите продавници најдоцна во 3 часот по полноќ.
Локалните медиуми пренесоа дека речиси сите градски советници го поддржале овој закон со цел да се намали вознемирувањето на локалното население.
Холандскиот главен град е глобално препознатлив по неговите канабис-кафетерии кои привлекуваат милиони туристи секоја година. Сепак, локалните жители се жалат дека тие привлекуваат улични дилери и дека злоупотребата на дрогите и алкохолот придонесува за зголемување на криминалот.
Според актуелните закони во Холандија е кривичен прекршок да се поседува, произведува или дистрибуираат дроги. Сепак, користењето на дроги на лица постари од 18 години не е кривично дело. Иако е нелегално да се продава или поседува дрога, Холандија има „политика на толеранција“ со која се дозволува на кафетериите да продаваат канабис под строги услови. Еден од тие услови е дека продавниците не смеат да предизвикуваат никаков вид вознемирување за локалното население.
Покрај новиот закон, советот на Амстердам покрена и кампања под името „не доаѓајте“ која во пролетта ќе биде насочена кон туристи кои патуваат во градот исклучиво за дроги, алкохол и сексуални услуги.