Длабоките клисури на Националниот парк „Маврово“, водопадите, дивите реки, буковите шуми и алпинистичките ливади се едни од последните недопрени природни области во Европа. Покрај над 1.000 видови растенија, во паркот се наоѓаат ретки видови пастрмки, волци, мечки, златни орли и видри. Маврово, исто така, е клучно живеалиште за едно од последните преостанати популации на критично загрозениот балкански рис. Срамежлив и недофатлив, од овој вид остануваат само околу 35 зрели индивидуи, при што најголем дел од популацијата на активно одгледување се наоѓа исклучиво во Маврово. Но, пред речиси една деценија неговиот опстанок беше под сериозна закана поради изградбата на хидроцентрали во Националнот парк.
Биологот Ана Чоловиќ Лешоска од невладината организација „Еко свест“ посвети осум години од својот живот во институционална борба за да го спречи ова. По бројните жалби, во 2015 година, Светската банка ги повлече финансиските средства за еден од хидроенергетските проекти, а во 2017 година ЕБОР го откажа својот заем за Владата на Северна Македонија и за втората хидроцентрала.
„Алармантно е тоа што интернационални финансиски институции поддржуваат проекти кои им наштетуваат на природните живеалишта во нашиот регион. Националните власти ја имаат одговорноста да обезбедат заштита на дивиот свет со загрозен статус, како што е Балканскиот рис. Градењето свест за тоа како јавните пари ја уништуваат нашата планета е важно низ целиот свет. Заштитата на природата е клучна за нашиот опстанок. Останува прашањето – ако не ние, кој. Ако не сега, кога?“
Со овие зборови Чоловиќ Лешоска го заврши својот говор по повод свечената церемонија на доделување на наградата „Голдман“ за животна средина во Сан Франциско. Таа е една од шесте добитници на ова престижно признание.
Веќе 20 години од својот живот активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина. За наградата вели дека е потврда за нивната борба. Го смета како лично признание на сите кои учествувале во целот процес за заштита на Националниот парк „Маврово“. Сепак, ова е само една етапа, вели таа во интервју за Радио МОФ.
„Маврово е вредно не само заради природниот, туку и заради заштита на културните вредности на Македонија. Мислам дека е прекрасен парк и прекрасен предел што треба да го видат многу луѓе, не само ние што живееме тука. Токму тоа ни дава поттик да продолжиме понатаму да придонесеме кон неговата заштита. Имено, единствено Националниот парк „Маврово“ не е репрогласен со нов закон и тоа е нешто што треба да го направиме во следниот период. Спречувањето на изградбата на големите инфраструктурни проекти од типот на хидроелектрани придонесува хабитатите да останат недопрени, а со тоа да се заштити живеалиштето на многу вредни видови во паркот. Покрај тоа, сметаме дека инфраструктурните објекти од типот на хидроелектрани, големи патишта, далекуводи… нивното место не е во заштитени подрачја, едноставно треба да се најдат други места каде такви проекти се економски и еколошки исплатливи и возможни. Заштитените подрачја имаат примарна цел да бидат на некој начин места каде ние природата ќе ја задржиме во недопрена состојба, за да може да ги обавува еколошките функции“, вели Чоловиќ Лешоска.
Признанието го добива поради употребата на механизмите за жалби и поплаки на Европската банка за обнова и развој -ЕБОР и Бернската конвенција, кои се алатки за застапување и за вршење притисок на владините институции за промена на одлуките кои се штетни за животната средина.
Сепак, до денес, состојбата со малите хидроцентрали сè уште е нејасна, нагласува таа. И покрај препораките на Бернската конвенција, Владата на почетокот на оваа година објави тендер за 22 нови концесии за изградба на мали хидроелектрани – 11 од нив се наоѓаат во некаков вид заштитено подрачја. „За жал, една од нив се јавува и на територијата на Националниот парк „Маврово““, надополнува таа.
„Неколку од малите хидроцентрали се веќе изградени во Националниот парк „Маврово“. Секако, паркот е под притисок и поради тоа што постоечкиот хидросистем веќе придонесува кон намалување на водостојот, односно влијае врз речните екосистеми во паркот. Тоа значи дека дополнителен притисок врз хабитатите не би требало да се прави. Имено, Бернската конвенција даде препорака до македонската власт да престане со изградба на хидроелектрани и слични инфраструктурни проекти во 2015, а во 2017 ја изрази својата загриженост во однос на изградбата на мали хидроелектрани“, појаснува Чоловиќ Лешоска.
Влијанието на малите хидроелектрани често се потценува. Но, една мала хидроелектрана може да има разорувачки, деструктивен ефект врз екосистемот, особено во заштитени подрачја каде има богат биодиверзитет, објасни Чоловиќ Лешоска. Таа истакна дека побарале од Владата да ги укине 11-те концесии за овие мали хидроелектрани.
„На територијата на Националниот парк „Маврово“ се планираат уште неколку мали хидроелектрани за кои веќе имаат доделено концесии. Изградбата не е започната и воедно има силна спротивставеност на локалното население за искористување на водните ресурси за производство на електрична енергија“, вели Чоловиќ Лешоска.
За време на својот говор на свечената церемонија во Сан Франциско, таа истакна дека Националниот парк „Маврово“ е место кое докажува дека луѓето и природата може да живеат заедно без луѓето да причинуваат штета врз животната средина.
„Тоа што беше карактеристично со Маврово и локалното население е тоа што луѓето имаа изградено еден однос и врска со природата. Сметаат дека имаат право на таа природа која ги опколува, во која израснале. Изградиле некаков посебен однос и почит кон природата. Мислам дека тоа е нешто што ние го немаме во урбаните средини и тоа е нешто што, исто така, недостасува во образованиот систем кај нас – што децата од мала возраст не се поттикнуваат да изградат почит кон природните вредности. И заради тоа, кога ќе станат возрасни мислам дека ја гледаат природата како некаков ресурс, намесот како извор на живот“, смета Чоловиќ Лешоска.
Не била поштедена од закани
Борбата против изградбата на хидроцентралите ѝ донела голем број непријатели. Таа и нејзините партнери за првпат биле ставени на тапет во дневниот печат каде оркестрирано биле изнесени неточни факти во повеќе провладини медиуми за тоа со кој соработуваат и од кого примале пари.
„Претрпевме и лични закани. Не само јас, туку и колегите. На дел од нив им беше оневозможена нивната нормална работа во Националниот парк „Маврово“ и тоа на некој начн беше показател дека обрачот околу власт се стеснува и дека е само начин да не заплашат за да престанеме со кампањата бидејќи работите почнаа да се одвиваат во наша полза“, посочува Чоловиќ Лешоска.
Но, тоа не ги обесхрабрило, па продолжиле со борбата, бидејќи како што вели таа, тимот составен од активисти и професионалци биле уверени во тоа што го прават.
„Мислам дека таа страст за работата и тој мотив што го имавме кој апсолутно не беше врзан со ништо лично, туку само со оној порив дека ќе направиме нешто добро за нашата држава, мислам дека тоа беше пресудно за нашата истрајност“, вели таа за Радио МОФ.
Главен двигател е желбата за правда
Оваа година се одбележува 30 годишнината од „Голдман“ наградата, којашто се доделува од 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите Рода и Ричард Голдман. До денес, наградата е доделена на 194 добитници од 89 различни нации и со тоа успеа да ја подигне свеста за многу критични прашања со кои се соочува Планетата. Годинава, покрај Чоловиќ Лешоска, наградата ја добија активисти од Чиле, Либерија, Монголија, Куковите Острови и САД.
„Чувството дека се наоѓаш во круг на луѓе кои разбираат како се чувствуваш и низ што си поминал, и што сè си искусил во текот на кампањата е искуство што ќе си го носам цел живот. Одеднаш стануваш дел од една фамилија“, се радува Чоловиќ Лешоска.
„Искуството кое си го пренесовме едни на други е буквално уште една потврда дека главниот двигател на сите нас е онаа желба за правда и желба за правичност, но и желба да постигнеме нешто без разлика на сите негативни страни или на сите шанси и непостоења на шанси за такво нешто“, додава таа.
Економијата и екологијата може да одат заедно
„Цените на технологиите за добивање на енергија од обновливи извори стануваат толку конкурентни и евтини што веќе користењето на јагленот и на другите фосилни горива ќе стане непотребно, дури и економски неисплатливо. Единствената причина што сè се уште економски „исплатливи“ е заради огромниот број на субвенции кои ги добиваат од државите. Тоа што треба целиот свет да го направи е буквално да го промени начинот на живот на многу поодржлив начин. Секој од нас може да направи промена во својот живот за да придонесе кон помалку негативни влјанија кон животната средина, да заштеди вреден ресурс како што е водата, да не генерира толку отпад, или да го сепарира и рециклира. На некој начин секој од нас може да придонесе и да го намали загадувањето на воздухот, бидејќи ова е средината во која живееме и не треба да живееме само ние, туку и сите наредни генерации“, вели Чоловиќ Лешоска одговарајќи на нашето прашање – дали економијата и понатаму е над екологијата.
Таа ѝ посочува на владата дека природата и нејзината заштита е клучна за нашиот опстанок како човечка раса.
„Во Македонија, државата ќе има придобивки од заштитата на животната средина, не само во однос на заштитата на овие ресурси и еколошки услуги кои ги нудат овие природни подрачја, но и поради еколошкиот туризам, кој може да даде толку многу еколошки придобивки и за локалното населление, но и на централно ниво“, заклучува Чоловиќ Лешоска.
Ја поздрави иницијативата на власта да ја прогласи долината на Длабока река во Маврово за УНЕСКО подрачје.
Разговорот го завршивме потсетувајќи се на природните убавини и недопрената природа што ја имаме.
„Тоа се тие работи со кои треба да се фалиме пред светот“, вели таа.
Емилија Петреска