Ана Марија Атанасовска: Информатичките вештини се важни, но државата не вложува доволно во нив

Ученичката Ана Марија Атанасовска од скопското средно училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ пред неколку дена се врати од Њујорк каде го освои второто место на Светскиот шампионат во Microsoft Office. Во конкуренција со 125 учесници од над 100 земји од целиот свет, Атанасовска се натпреваруваше во категоријата Microsoft Powerpoint 2013 постигнувајќи го најдобриот успех за државата на овој престижен светски шампионат.

„Информатичките вештини се навистина екстремно важни, но сметам дека државата сепак не вложува доволно во младите околу ова“, изјави Атанасовска за Радио МОФ.

„Сметам дека може многу повеќе да се вложи, бидејќи имам многу пријатели кои можат да го постигнат истото што јас го постигнав, но немале можност“, додава таа.

На натпреварот гледа како шанса за младите од 13 до 22 години да се стекнат со меѓународно признат сертификат, кој би ја олеснил можноста за вработување. Всушност, тоа и била нејзината примарна мотивација.

„Сметав дека ги поседувам потребните вештини, но немав потврда за тие вештини, сертификат кој би ги потврдил, и јас на овој начин успеав да ги докажам моите вештини но и да го земам соодветниот сертификат“, истакнува Атанасовска.

Според неа, информатичките вештини се многу важни за младите бидејќи како што вели „светот оди напред со брзина на светлината“.

„Сметам дека треба да се воведат многу реформи во образовниот систем, да се подржуваат младите, како и финансиски, така и на многу други начини“, вели Атанасовска.

Чувството да учествува било прекрасно, а од Њујорк, вели таа, се враќа не само со титулата вице-шампион, туку и со огромно искуство, стекнати пријателства и мотивација за личен развој.

Атанасовска, која од оваа учебна година ќе биде матурантка, своето образование сака да го продолжи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

„Сакам да ги мотивирам сите млади луѓе на возраст помеѓу 13-22 години, да се запишат на натпреварот, да ги потврдат вештините што сметаат дека ги поседуваат, бидејќи навистина е прекрасно искуство“, порача таа.

Атанасовска на крајот од мај беше избрана за национален претставник по победата во финалето на државниот наптревар кој се одржа во Скопје, а на кој учествуваа најдобрите 40 млади од речиси 700 пријавени лица.

Мартин Колоски