Со 65 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани, Собранието денеска ја избра професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ана Павловска-Данева за судијка на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Павловска-Данева по гласањето ја потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.
Новата уставна судијка е доктор на правни науки и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет. Павловска-Данева активно изведува настава на повеќе предмети на „Јустинијан Први“, односно Административно право и Јавна администрација како задолжителни предмети на студиите од прв циклус и десетина предмети на вториот циклус на студии.
Таа е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Мандатот на уставните судии трае 9 години.