Ана Стојаноска: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е на сите институционални театри во Македонија и на сите театарски работници и уметници

58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп полека се приближува кон крајот.

Оваа година на театарската сцена се изиграа единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма.

Уметничката директорка, Ана Стојаноска, со која Радио МОФ имаше можност да направи кратко интервју, вели дека фестивалот поминал добро и публиката е задоволна од изборот на претставите и од програмата.

Денеска е претпоследен ден од 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Како сте задоволни од фестивалот?

Се разбира дека сум задоволна. Се разбира дека знам дека можеше повеќе и поразлично. Но, исто така знам дека нудам простор и за други решенија и за други концепти. Се стремам секое издание да си има своја приказна и истата да е препознатлива и од страна на публиката и од страна на учесниците и од страна на гостите.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Досега се изиграа многу претстави и во официјалната и во придружната програма. Како сте задововлни од изведбите на театарските претстави?

Фестивалските изведби се секогаш поместени. Не само физички, туку и метафорично. Едноставно матичната сцена не е иста со фестивалската. Но, тоа што го видовме покажува дека театрите имаат свесност за фестивалските адаптации. Овде го изнајмуваме дотраениот простор на Центарот за култура и театарот. Се соочуваме со повеќе технички предизвици. Иницираме, инспирираме и повикуваме да се изгради нов театар во Прилеп, зашто тоа не го заслужува само градот, туку и долгата традиција на овој фестивал.

Дали може да споделите со нас колку вкупно публика ги изгледа претставите?

Со тоа што на првиот ден се распродадоа 3 големи претстави кажува колкав број на публика има во Прилеп што сака театар. Бројките се едноставни 11 претстави во официјална конкуренција, од кои повеќе имаа и столчиња плус, да не ги заборавиме претставите во нетеатарските простори, како и уличните изведби, сигурна сум дека нашата публика број повеќе од 5000.

Дали годинешниот фестивал ги исполни вашите очекувања?

Во однос на изглед и организација да, во однос на поддршка не. Сметам дека треба да се има однос кон фестивалот на малку поинаков начин. Овој фестивал е на сите институционални театри во Македонија, на сите театарски работници и уметници. Сите очекуваат нешто од фестивалот. А забораваат дека треба и тие да дадат нешто на фестивалот. Но, како прилепчанка знам дека тоа е речиси невозможно. Зашто кај нас повеќе се прават заткулисни игри отколку што се помага. Зашто кај нас е поинтересно да се напаѓа скришум отколку гласно и јасно да се проговори. Но, јас сум човек што верува во добро и креативно и ќе кажам добро е што го имам својот тим и добро е што овој фестивал ја одржува својата традиција.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Какви промени очекувате?

Да ни текне да го смениме театарскиот систем. Да ни текне да го смениме односот кон театарот.

Што планирате за во иднина?

Да се одморам. Тоа прво. Потоа да направам со тимот евалуација на сработеното и да го почнеме новото издание на фестивалот.

 

Симона Паскоска