Сто милиони евра треба да добијат годинава општините, пари кои се всушност финансиска инјекција што ќе се обезбеди од унгарскиот кредит. Оваа сума следната година ќе изнесува 250 милиони евра. Предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ веќе се преточува во реалност, пишува Порталб. Според најавите, парите ќе бидат наменски, за проекти. Клучен критериум ќе биде бројот на жители, односно најголемите општини ќе може да земат и најголем дел од „финансискиот колач“. Но, во исто време, некои од тие општини долго време имаат најголеми долгови.
„Лична карта“ на скопските општини
Локалните власти се мобилизираат – се кројат проектите со кои ќе аплицираат за добивање на финансиски средства од државата. Според последните најави од Владата и од Министерството за финансии, еден од клучните критериуми за поделба на парите ќе биде бројот на жители, а во опција е критериумот кој се однесува и на територијалната големина на општината.
Вкрстените податоци преку повеќе институции, што ги направи „Порталб“, покажуваат дека најголемите општини, потенцијални добитници на државните пари, воедно се и должници кои високо котираат на „должничката листа“ на Министерството за финансии, со доспеани а неплатени милионски сметки.
На ниво на Град Скопје, од 10 општини, според податоците од пописот во 2021, најголем број на жители, како резидентно население, има Аеродром со 77.735 жители. Оваа општина, според податоци од Министерството за финансии, заклучно со првата половина од годинава пријавила доспеани а неплатени обврски во износ од скоро 400.000 евра. Втора, со 69.626 жители е Гази Баба која пријавила доспеани а неплатени сметки од скоро 13.000 евра, а на трето место е скопски Карпош со 63.760 жители. Оваа општини долги години пријавуваше високи износи на долгови а во одредени периоди поради финансиска „неликвидност“ сметките и беа под блокада.
Заклучно со првото економско полугодие, Карпош пријавил нешто над 1 милион евра долг, сума која е многу пониска во споредба со состојбата во изминатите години.
Скопски Чаир со 62.586 жители е следната најголема општина. Според податоците од Министерството за финансии, долгот на оваа општина на крајот на јуни надминал 760.000 евра. Општина Кисела Вода според пописот имала 61.965 жители.
Доспеаните, а неплатени обврски на крајот на вториот квартал надминале 1,3 милиони евра. Останатите пет општини имаат помалку од 45.000 жители. Така, Општина Ѓорче Петров со 44.844 жители пријавила долг од 24.900 евра, а скопски Бутел со 37.968 жители – 665.000 евра. Општина Сарај со 38.399 жители пријавила долгови во износ од 817.400 евра. Општина Шуто Оризари е со најмал број на жители, 25.726 и има долг од 52.500 евра.
Општина Центар не пријавила доспеани, а неплатени обврски
Општина Центар со 43.893 жители е единствената која на крајот од првото економско полугодие не пријавила доспеани а неплатени обврски. Овие податоци покажуваат дека девет општини на територијата на Град Скопје, кои според бројот на жители се потенцијални апликанти за државна логистика, се наоѓаат на должничката листа на МФ, а само една е без долгови. Две општини имаат доспеани, а неплатени обврски во износ поголем од 1 милион евра, а од општините со помал број на жители како Бутел и Сарај, имаат долгови повисоки од половина милион евра.
Град Скопје со 526.502 жители, на крајот на јуни пријавил доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 10,9 милиони евра и на новата листа е рангиран на високото 9-то место од вкупно 910 институции во кои се вбројуваат сите оние кои се под централно и локално ниво.
На крајот од вториот економски квартал вкупните доспеани а неплатени обврски на сите општини во земјава изнесувале 60,9 милиони евра и само за три месеци, или во споредба со првиот квартал се зголемени за 4,5 милиони евра.
Во следното продолжение на „Анализа“ ќе се споредат податоците за најголемите и најзадолжените општини на ниво на државата.