Пред десетина дена некаде прочитав дека проблемот со тројцата професори штрајкувачи од УГД кои минатиот месец штрајкуваа 20 дена со глад, не само што има правна димензија, туку дека е и проблем кој најеклатантно ја манифестира етичката димензија во постапувањето на неколкумина професори од Економски факултет на УГД. Деновиве малку пребарував низ интернетот и наидов на фактот дека УГД има објавено Етички кодекс. Онолку колку што можев да се информирам од медиумите, се потрудив постапките на дел од професорите на Економскиот факултет, да ги ставам во корелација со она што е прецизирано во Етичкиот кодекс на УГД и консеквентно, да наведам мои размислувања и да упатам неколку прашања, пишува Јани Сервини во анализа за порталот Фактор.
Проблемите на УГД почнаа порано
При инспекциски надзор во декември 2013, Државниот просветен инспекторат констатирал дека тројца професори од Економски факултет, меѓу кои и деканот, постапувале спротивно на Законот за високото образование и спротивно на Статутот на УГД. Дали мислите дека со тоа деканот и другите двајца професори го заштитуваат интересот на Универзитетот? (Преамбула, ст. 4). Дали мислите дека го заштитуваат угледот на Универзитетот? (Општествена мисија, чл. 1). Можеби мислите дека ја исполниле својата должност да ги чуваат интегритетот и достоинството на институцијата и дека своите работни задачи ги извршувале одговорно, совесно, чесно и посветено?! (Одговорност кон институцијата, чл. 1).
Дали сметате дека деканот и другите двајца професори од Економскиот факултет се посветени на етичките принципи и дека настапуваат со морален интегритет? (Преамбула, ст. 6).
Дали деканот и другите двајца професори се однесуваа според начелата на академската слобода, етичката и интелектуалната одговорност? Дали ги негувале и ги негуваат вредностите на различното мислење? (Општествена мисија, чл. 2).
Дали има оправдување за повредата што се обидоа да им ја направат на тројцата професори штрајкувачи, врз нивното достоинство, достоинството на своите колеги? (Општествена мисија, чл. 4). Дали за Ректорот има оправдување за истиот обид?
Како деканот и двајца други професори го погазија својот потпис?
Дали сметате дека деканот и другите двајца професори ја штитат честа на професијата? (Општествена мисија, чл. 7). Ќе ви помогнам во одговорот: деканот на Економски факултет на УГД е рецензент на Шајноски. Во Рецензентскиот извештај, деканот со својот потпис потврдил дека Шајноски ги исполнува сите законски услови и критериумите за да биде избран во повисокото звање вонреден професор. На седницата на Наставно-научниот совет гласа против! Ве молам, не заборавајте, тоа е деканот кај кого Државниот просветен инспекторат во декември 2013 има констатирано работење спротивно на Законот за високото образование! Дали знаете дека другите двајца професори од Економскиот факултет на УГД се рецензенти на Матлиевска? Дали знаете дека тие во Рецензентскиот извештај со своите потписи потврдуваат дека Матлиевска ги исполнува сите законски услови и критериумите за да биде избрана во повисокото звање вонреден професор? На седницата на ННС, и двајцата гласаат против! Повторно, ве молам да не заборавите: тоа се оние истите професори кај кои во декември 2013 Државен просветен инспекторат има констатирано постапување спротивно на Законот за високото образование и спротивно на Статутот на УГД! Сумарно, имаме тројца професори од Економски факултет кои се рецензенти, и кои со своите потписи гарантирале дека професорите штрајкувачи ги исполнуваат законските услови и критериумите да бидат избрани во повисокото звање вонреден професор!
И сите тројца гласаат против сопствените предлози! Против сопствените потписи! А кое е значењето и вредноста на потписот? Па со потпис потврдуваме брачни договори, нотарски акти, сопственост, …. практично се’. Зад потписот стои поединецот, човекот, стои личноста! Со потписот се манифестираме себе си во секој миг на нашето постоење! Да плукнеш на сопствениот потпис значи дека плукаш на самиот себе си како човек. Се плукаш како личност! Да не заборавите дека кај професорите, потписот има и друга димензија: со потписот професорите верификуват знаење кај студентите, потпишуваат дипломски работи, магистерски работи, докторати! Да си плукнеш на сопствениот потпис како професор, тоа значи дека си плукаш на себе како професор! Оттука и прашањето: Дали мислите дека човек кој си плука на сопствениот потпис, и како човек и како професор, има морален и интелектуален капацитет? Каде е честа на професијата во плукањето на сопствениот потпис?
Дали универзитетот ја поддржува толеранцијата?
Дали сметате дека на Економски факултет се поддржуваат толеранцијата и отвореноста (чл 8)? За да ви помогнам во одговорот ќе искористам една изјава од ???? – дека на неколку седници на Наставно-научниот совет на Економски совет имало обезбедување!
Дали сметате дека на Економски факултет, оние кои гласале против изборот на сопствените колеги негуваат колегијален однос заснован на меѓусебнопочитување и разбирање (Општествена мисија, чл. 19)?
Дали сметате дека оние професори со повисоки звања од Економскиот факултет кои гласале против изборот на тројцата штрајкувачи во повисоки звања, ја исполниле својата должност да го почитуваат личното и професионално достоинство на своите помлади колеги, тројцата професори штрајкувачи? Дали сметате дека со нивното гласање против, се грижат за наставниот и научниот развој на тројцата професори штрајкувачи? (член 23). Па, членот 132 од Законот за високото образование пропишува дека членовите на Наставно-научниот совет изборот го вршат врз основа на оценката во Рецензентскиот извештај! Оценката за професорите штрајкувачи е дека ги исполнуваат законските услови и критериумите за да бидат избрани во повисокото звање вонреден професор, секој во својата област. Тое е и предлогот во Рецензентксите извештаи – да бидат избрани во вонредни професори.
А ако, и покрај тоа, и спротивно на тоа, дел од членовите на Наставно-научниот совет не го вршат изборот врз основа на оценката во Рецензентскиот извештај онака како што е пропишано во членот 132, тогаш врз која основа го вршат? Која е основата за избор? Доколку се дозволи пропишаното со Законот да не е услов за напредување, тогаш самоволието и субјективизмот е релевантно. Од ова произлегува единствен заклучок: Колку е да е квалитетен некој професор, колку и да има научни трудови објавени во меѓународни и домашни списанија, колку и да учествувал на меѓународни и домашни конгреси, конференции, симпозиуми – ќе биде ирелевантно! Зошто? Затоа што може да се најде група истомисленици кои од којзнае кои побуди не те сакаат, и базирано врз нивната “релевантна” нељубов, не те избираат во повисоко звање! Тоа значи дека самоволието се поставува над законот – нешто, што сигурен сум дека ќе се согласите, не смее да се дозволи.
Каде е ректорот?
Дали е етички следново: кај тројца колеги професори, меѓу кои и деканот на Економски факултет, Државниот просветен инспекторат во декември 2013 потврдува нивно постапување спротивно на Законот за високото образование и спротивно на Статутот на УГД. За нивното констатирано работење спротивно на Законот и Статутот, не одговараа. Но, обелоденувањето на нивното незаконско работење, не можеа да им го простат на своите помлади колеги – штрајкувачите кои уште многу порано укажувале на тоа. Не сфатија ниту тие, ниту пак Ректорот, дека тоа е само доказ на напорите на тројцата штрајкувачи за законито работење на институцијата во којашто се вработени. И сега, имаме парадоксална ситуација: тројца професори меѓу кои и деканот на Економски факултет, постапуваат спротивно на Законот и Статутот, просветната инспекција тоа го потврдува, а штрајкувачите се “виновниците”?!
И ќе ве молам, не убедувајте ме дека односот на Ректорот кон неговите колеги – тројцата штрајувачи, придонесува за поголема хуманост и правичност во работата и во поставувањето на високо морална работна култура! (Општествена мисија, чл. 5).
Ве молам, не убедувајте ме дека во меѓусебните односи помеѓу Ректорот и тројцата професори штрајкувачи, и како колега и како Ректор, Ректорот ја исполни својата должност да негува култура на аргументиран дијалог! (чл. 22) Или за Ректорот, аргумент е она што го велат тројцата професори кои работеле спротивно на Законот за високото образование и Статутот на УГД? А не Рецензентските извештаи? А не пофалбите од студентите?
И ве молам, имајте на ум дека, заради зачувување на достоинството на професијата и развивањето и унапредувањето на моралните вредности на академската заедница, поттикнати од длабоките уверувања во вредноста, знаењето и свеста за одговорноста на универзитетските наставници, исто како и тројцата професори штрајкувачи, и Ректорот има должност да постапува во согласност со Етичкиот кодекс. А и да нема пропишан, должност и право е на Ректорот да постапува во согласност со својот личен морален компас. Доколку го има, се разбира.
Јани Сервини,
м-р на економ. науки, дипл. инж. – компј. техника и информ. професор во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола