Највисоката пензија во земјава изнесува 725 евра , најниската 186 евра. Зголемување за 1 000 денари како “ад-хок“ решение ќе добијат сите пензионери за период од три месеци. Дополнително се промени и моделот за пресметка на зголемувањето – во однос на два параметри, трошоци на живот и раст на просечна плата. Во меѓувреме, во земјава соодносот на вработен-пензионер е подобрен но и натаму “ранлив“ од аспект на одржливост на државниот пензиски фонд, пишува во новата анализа на „Порталб“.
Внимателно со растот на пензиите – дефицитот во ПИОМ не смее да се продлабочи ..
Мартовската, априлската и мајската пензија еднократно, за сите пензионери ќе биде зголемена за 1 000 денари. Дополнително Владата одлучи да го промени и моделот врз основа на кој ќе ги коригира пензиите – во односот на трошоците на живот и во однос на растот на просечната плата во државата. Во моментов овие два параметри се во нагорна линија – што треба да предизвика раст на пензиите и по овие основи. На ваков начин според владата се обезбеди решение со кое ќе се заштити стандардот на пензионерите.
“Просечната пензија во 2022 година, во однос на минатата година, ќе биде повисока имајќи ги предвид трошоците за живот и зголемувањето на просечната плата кај нас. Важно е дека ова е систематско решение и нема да има влијание во зголемувањето на стапката на пензиските придонеси“ – оценуваат од ПИОМ.
Според дел од економистите одлуката за раст на пензиите е добредојдена во услови на растечки цени и воопшто економска криза, но се предупредување за две клучни прашања, дали решението за еднократно зголемување на пензиите од 1000 денари е одржливо и праведно и второ, да не се наруши стабилноста на сегашниот државен пензиски фонд.
Зошто се алудира на “праведно“ решение за раст на пензиите? Во март, април и мај повисока пензија за 1 000 денари ќе добијат и пензионерите со најниски и оние со највисоки пензии. Според податоците од ПИОМ во јануари во земјава имало 326 841 пензионери, од нив скоро 48% имаа пензија до 14 000 денари а само 31% повисока од 18 000 денари.
Пензии и корисници јануари 2022 година
висина на пензија пензионери
До 11 500 денари 27,28%
Од 11 501 до 14 000 денари 20,24%
Од 14 001 до 18 000 денари 21,26%
Над 18 001 денари 31,02%
Но ако се анализира од аспект на просечна исплатена пензија во земјава – таа изнесува 264 евра или 16 300 денари. Само 0,4% од пензионерите имаат пензија во висина од 44 778 денари до 59 674 денари – пензии кои се со максимално највисоки износи.
„Тримесечниот износ од 3,000 денари вкупно, е линеарен за сите пензионери, без разлика на висината на пензија. Иако наменското зголемување е оправдано – заради ублажување на негативните последици од енергетската криза и порастот на цените, сепак тоа е форма на ад-хок зголемување, и евентуални идни вакви наменски зголемувања треба да се рационализираат само кон примателите на пониски пензии“ – оценуваат од институтот “Financethink“
На 2,4 вработени – 1 пензионер
Според последните податоци од Заводот за статистика во земјава има нешто повеќе од 794 900 вработени. Споредбената анализа на “Порталб“ покажува дека на 2,4 вработени има 1 пензионер.
Сооднос 2,4 вработени : 1 пензионер
Број на вработени 794 909
Број на пензионери 326 841
Сегашните вработени ја полнат фондовската каса преку придонеси – а од таму пак се исплаќаат сегашните пензии. За редовна исплата на пензии дополнително од Централниот Буџет годинава ќе се префрлат уште 489 000 000 евра. Одржливоста на државниот пензиски фонд е значајна во состојба кога се очекува раст на бројот на пензионери – изминатите години на годишно ниво се регистрирани по 4 000 нови корисници на пензија. Економистите сметаат дека треба да има раст на пензиите според утврдени параметри – но укажуваат на последиците од моментални решенија за еднократно зголемување.
“Усогласувањето на пензиите е значајно за да се зачува животниот стандард на пензионерите, и тоа мора да биде одредено од витални економски параметри како движењето на цените, платите и БДП. Но, секое ад-хок зголемување на пензиите надвор од економски параметри претставува опасност за дефицитот во пензискиот систем да се зголемува со неодржлива стапка. Доколку продолжеше политиката на големи ад-хок зголемувања на пензиите, дефицитот и понатаму ќе растеше“ – заклучуваат од “Financethink“.
Дури 93% од осигурениците во фондот на ПИОМ се и членови на двостолбниот систем
Сегашните вработени – идни пензионери се дисперзирани во државниот и во приватните пензиски фондови. Во задолжителниот втор пензиски столб на крајот од 2020 та година имало 529 983 осигуреници – во споредба со 2019 та бројот се зголемил за 4%, но во извештајот на МАПАС се наведува дека се “задржува забавениот раст на бројот на нови осигуреници поради неповолните движења на пазарот на труд во услови на пандемија“.
Само 12% од осигурениците се “доброволни“ членови додека пак 88% се “задолжителни“ по сила на закон. Дури 79% од задолжителните членови се млади лица , до 40 години. Во двостолбниот пензиски фонд членуваат 56% од вкупното активно население.
“Согласно податокот од Фондот за ПИО заклучно со 31.12.2020 година околу 93% од вкупниот број на осигуреници во ПИО се членови на двостолбниот пензиски систем“ – се наведува во извештајот на МАПАС.
Само во 2020 та година по основ на уплатени придонеси во вториот пензиски столб се уплатени 150 000 000 евра. Во доброволниот “трет“ пензиски столб членуваат 26 016 осигуреници. Во текот на 2020 та година во задолжителните приватни пензиски фондови биле пренесени придонеси во износ од 9,3 милијарди денари или 150,7 милион евра. За редовна исплата на пензии сумата на годишно ниво надмина 1 милијарда евра.