Јулски пораст на цените на шеќерот, месото, маслото на светските берзи. Ценовно намалување кај млекото, млечните производи и житариците. Домашните финансиски институции очекуваат контролирана и намалена инфлација во 2024, но сепак засенета од ризици, пишува Порталб.мк. Во маркетите и на зелените пазари ценовен раст кај производи што содржат шеќер, какао, потоа кај дел од млечните производи, безалкохолните пијалаци.
Цени на шеќер, месо, млеко, масло, житарици
Незначително, но сепак во јули забележано е мало намалување на Индексот на цените на храната што го мери ФАО; Светската организација за храна. Податоците на ФАО кои се важни бидејќи даваат слика за цените на основните прехранбени производи и суровини за производство, претставуваат база и сигнал за ценовните движења и кај нас.
Новите податоци од ФАО покажуваат дека во јули раст на цените има кај месото, шеќерот и растителното масло ( масло за готвење) додека намалување на цените има кај житариците и млечните производи.
Најголем пад има на цените за житариците. Во јули во споредба со јуни намалувањето изнесува 3,8% додека во однос на јули 2023 та падот е 12%. Намалувањето на цените главно е резултат на зголемена сезонска достапност на пченицата и зголеменото производство и големите залихи во земјите, најголеми производители и извозници, како Бразил, Аргентина. Цените на млекото и млечните производи во јули главно се непроменети во однос на јуни, но во однос на јули 2023 та ФАО бележи значаен ценовен пораст за 7,2%.
Индекс на цени (јули/јуни)
Житарици -3,8%
Млечни производи 0%
Растително масло +2,4%
Шеќер +0,7%
Месо +1,2%
Извор: ФАО
Цените на растителното масло (една од главните суровини во прехранбената индустрија) се во континуиран пораст. На месечно ниво, во јули во споредба со јуни, индексот на цени на растителното масло е зголемен за 2,4%, а ценовен пораст има и во однос на јули 2023 година.
„Кај цените на растителното масло има второ, последователно, зголемување на највисоко ниво во последните една и пол година. Континуираното зголемување е одраз на зголемената глобална котација на маслата од палма, соја, сончоглед и семе од репка“, наведуваат од ФАО.
Цените на шеќерот, уште една важна суровина за производство, втор месец се со растечки тренд, но сепак значајно пониски, за 17,9%, во однос на јули, 2023 та. Во однос на јуни ценовниот индекс се зголемил за 0,7%. И цените на месото растат. Во јули во споредба со јуни индексот на цени на месото е зголемен за 1,2% додека во однос на јули лани ценовниот раст е за 0,8%.
Инфлацијата сепак „ровари“ дома
Килограм домати од 69 денари па нагоре, килограм пиперки над 100 денари, килограм праски скоро 80 денари – летото заминува но цените на овошјето и на зеленчукот ( во сезонски зголемена понуда ) во маркетите и зелените пазари останаа „жешки“. Забележително е дека поскапуваат производите кои содржат шеќер, како што се чоколадите и другите видови на благи кондиторски производи а корекции има на цените кај дел од месото и месните производи.
Иако домашните институции како Министерството за финансии и НБМ прогнозираат умерена инфлација што ќе гравитира околу 3%, во секојдневието цените на основните прехранбени производи го тенчат стандардот.
Според статистиката во јули во споредба со јуни трошоците на живот се зголемиле за 0,8% но во споредба со јули лани за 3%. Најголем годишен ценовен раст има кај трошоците на живот за кафе, чај, какао за 8,7%, потоа за безалкохолни пијалаци за 6,7%, за шеќер, мед зголемувањето е за 5,6% додека трошоците за месото се зголемиле за 2%, за млекото, сирењето, јајцата за 2,8% а за маслото 1,5%. Сите овие производи се дел од основната потрошувачка кошница која според ССМ во јули достигна 981 евро односно 60 325 денари. Од оваа сума само за храна и пијалаци се трошат 22 000 денари што претставува 36,3% од вкупната сума потребна да се истурка месецот. Според проценките на НБМ ценовниот притисок ќе олабавува, но сеуште има ризици.
„Ревизиите во однос на увозните цени се претежно надолни, но неизвесноста и нагорните ризици поврзани со идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сѐ уште постојат“, наведуваат од НБМ.
Според новите проекции во ребалансираниот Буџет годинава треба да заврши со стапка на инфлација од 3,5%.