Во пресрет на најавениот ребаланс на Буџетот, прв со потпис на новата Влада, економистите оценуваат дека претстои период на неопходни промени, пишува Порталб.мк. Но, колку и како може да се прекрои буџетската каса, дали може да се крати од веќе дадени права, каде може да се заштеди?
Оценки на економистите
Со поголем буџетски дефицит, а помал економски раст во однос на планираното. Вака според дел од економистите ќе заврши оваа изборна економска година.
„2024 година е изборна година и заради изборниот резултат ќе биде година на промена на економските политики и се разбира промена на буџетски политики поради што и ребалансот на буџетот е очекувана работа. Очигледно е дека новата Влада ќе наследи тесен фискален простор и буџетски дефицит кој во годината на избори секогаш се ефектуира побрзо и полесно. И во претходните изборни години растот на БДП не бил за пофалба, со исклучок на 2006 и 2008, со раст од 5,1%, односно 5,5%. Просечниот раст на БДП во изборните години во последните три децении (1997 – 2024) не надминува 2%. Не гледаме причина зашто 2024 година би се разликувала од овој неславен просек“, вели даночниот експерт, економистот Павле Гацов.
На новата Влада ќе и треба време за да почне да ја осмислува и реализира сопствената економска политика, во меѓувреме ургентно ќе мора да го ребалансира буџетот за да се истурка оваа година, вели професорот и еден од поранешните министри за финансии, Никола Поповски.
„Проекциите и економските предвидувања се најтешки во години, како оваа, кога на средина од годината има избори. На новата влада ќе и` треба време за да почни да ја осмислува и реализира сопствената економска политика. Во последниве години ние, како и светот во целина, се соочуваме со ниски стапки на раст, релативно висока инфлација, зголемени буџетски дефицити и мали изгледи за забрзување на растот во идниот период на среден рок. Се чини дека во економска смисла светот живее во години на празен од. Приватните инвеститори (домашни и странски) ќе сакаат да ја видат понудата на новата власт, а јавните инвестиции ќе се преиспитуваат и можеби пренасочуваат. Тоа внесува дополнителен вакуум простор во поттикот на економскиот раст. Ваквите претпоставки се тешки за да се постигне значителен економски раст. Предвидената стапка на раст од близу 4 отсто ќе треба да се редефинира и надолно да се усогласи со можностите. Идниот ребаланс е добра прилика за тоа“, вели Поповски.
Заклучно со четвриот изборен месец, буџетските приходи се реализирани со стапка од 31,71% а расходите со 32,80%. Буџетскиот дефицит за четири месеци во однос на планот за целата година изнесува 42,96%. Токму “дупката“ во државната каса годинава ќе биде најважно буџетско прашање.
„Дефицитот ќе притисне на потребата за ново задолжување. И овој пат дефицитот не е предизвикан од капиталните расходи, кои на средината на годината имаат реализација едвај од околу 30-тина проценти, туку од тековните расходи и тнр. изборни трошења. Ваквата структура на буџетот не го поттикнува растот на економијата, напротив, повеќе влијае врз растот на цените како агрегатна побарувачка“, вели Гацов.
Позначајни економски резултати, во услови на продлабочен буџетски дефицит, а забавена економска активност не може да се очекуваат, велат економистите.
„Според податоците за првиот квартал и за секторските остварување во индустриското производство, земјоделството и голем дел од услужните сектори, како и за податоците за намалување на извозот во услови на зголемен увоз, тешко дека ќе можеме да очекуваме некој позначаен резултат. Ова се надополнува и од потребата релативно рестриктивната монетарна политика што се манифестира со зголемени каматни стапки на пазарот и со нејзина делумна компензација на релативно експанзивната фискална политика со високо ниво на буџетски дефицит, да опстојува во текот на целата оваа година“, оценува Поповски додавајќи дека големо влијание на растот ќе имаат и други „неекономски“ фактори.
„Тука се неекономски бариери кои сè уште се силни и во светот (регионални воени конфликти што се закануваат да прераснат во пошироки) но и кај нас – застој во евроинтегративните процеси, постојана опасност од политичка дестабилизација и непредвидливи меѓуетнички односи“, додава Поповски.
Ребалансот на Буџетот се очекува во втората половина на јули.