Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70% од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30%, пишува Порталб.мк. Во новообјавениот Извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор во 2023 се нотира дека лани под државна капа работеле 128 879 лица во вкупно 1 371 институција.
Етничка структура на вработените во јавниот сектор
Од вкупниот број на вработени во јавниот сектор лани, според етнички “клуч“, 70,5% биле Македонци, скоро 22,1% етнички Албанци, 2,6% Турци а останатите заедници, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, биле застапени со помалку од 2 %.
Застапеност според етничка структура
Македонци 77 742 70,57%
Албанци 24 316 22,07%
Турци 2 835 2,57%
Роми 1 584 1,44%
Срби 1 446 1,31%
Извор: МИОА
И во 2023 та во министерствата има големи разлики во застапеноста на етничките заедници. Новите годишни податоци покажуваат дека во четири ресори застапеноста на етничките Македонци е над 70% : во Министерството за земјоделство скоро 73%, во Министерството за одбрана 74,7%, во Министерството за транспорт и врски од 71,3% и во Министерството за труд и социјална политика застапеност од 71%.
Од друга страна во Министерството за политички систем етничките Албанци се застапени со 84,71%. Зад овој ресор се Министерството за економија со 49,25% и Министерството за локална самоуправа со застапеност од 41,51%. Повеќе од 30% застапеност на етничките Албанци има во Министерството за животна средина 38%, Министерството за образование 37,8% и Министерството за правда 38,02%.
Етничка застапеност на Албанците
Мин за политички систем 84,71%
Мин за економија 49,25%
Мин за локална самоуправа 41,51%
Извор: МИОА
Помалку од 20% застапеност на етничките Албанци има во ресорите за одбрана, транспорт и за земјоделство. Од друга страна во Министерството за политички систем само 4,28% од вработените се етнички Македонци кои со помалку од 50% се застапени во Министерството за економија и во Министерството за локална самоуправа.
Ромската заедница со најголем процент од 3,13% е застапена во Министерството за правда а воопшто не е застапена во Министерствата за економија, за здравство, за локална самоуправа и за животна средина. Етничките Турци највисока застапеност од 5,22% имаат во Министерството за економија а со над 4% се застапени и во Министерствата за информатичко општество, за одбрана и за политички систем.
70,6% од вработените со високо и со средно образование
Просечната возраст на вработените во јавниот сектор лани била 46,2 години. Според образованието, најголем број или 52 881 вработен се со високо образование, 38 137 се со средно а 9 356 се со основно образование.
Образование профил на вработените
Високо образование 52 881
Средно образование 38 137
Основно образование 9 356
Во јавниот сектор биле регистрирани и 1 813 доктори на науки и 5 102 магистри. Според етничкиот клуч и степенот на образованието, вкрстените податоци од Регистарот покажуваат дека од вкупниот број на доктори на науки, 1 490 се Македонци, 321 Албанци, 29 Срби, 20 етнички Турци, 18 Власи и по 6 етнички Роми и Бошњаци.
Од вкупниот број на вработени според етнички и образовен “клуч“ , 904 Албанци се магистри, 12 980 Албанци се со високо образование а 6 676 се со средно образование.