Анализа: Капиталните инвестиции во првиот “предизборен“ квартал на ниво од 14,5% – дел од ресорите со 0 реализација

Министерства кои располагаат со буџети за капитални расходи што се бројат во стотици милиони евра, во првиот предизборен квартал од годинава испорачале лазечки стапки на реализација  пишува Порталб.мк.  Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека двојните избори сепак имаат влијание врз јавните инвестиции – за три месеци реализацијата на ниво на вкупниот буџет изнесува само 14,47%.

МВР со највисок процент на реализација, два ресори со нула 

Дел од министерствата за три месеци имаат реализација на капиталните расходи пониска од 1 % а меѓу нив се Министерството за правда со остварување од само 0,33% од вкупната годишна сума во износ од 341 335 евра, Министерството за економија од вкупниот буџет за јавни инвестиции во износ од 5,4 милиони евра, реализирало 0,16%,

Два ресори за три месеци имаат “нула“ реализација на ставката капитални расходи. Тоа се  Министерството за политички систем кое за годинава има буџет од 12 500 евра и Министерството за локална самоуправа кое за годинава има на располагање скоро 72 000 по овој основ.

Министерството за надворешни работи годинава има буџет за капитални расходи во износ од 1,4 милиони евра а реализацијата во првите три месеци изнесува 1,15%, Министерството за финансии има реализација од 3,24% додека Министерството за финансии – функции на државата кое има  буџет од 86,5 милиони евра наменети за трансфери, помош, поддршка, за три месеци од оваа сума исплатило дури 38,7%.

                                Реализација на капитални расходи

Мин. за политички систем                                 0%

Мин за локална самоуправа                             0%

Мин.за економија                                               0,16%

Мин.за правда                                                      0,33%

Мин.за надворешни работи                             1,15%

Мин.за транспорт                                                2,25%

Мин.за финансии                                                3,24%

Извор : МФ .

Неколку ресори за три месеци успеале да остварат над 20% од планираните капитални инвестиции. Така, Министерството за одбрана од вкупниот буџет во износ од 107,3 милиони евра потрошило скоро 22%, Министерството за животна средина реализирало 24,24% од вкупниот годишен буџет од 34,4 милиони евра, МИОА од вкупните средства во износ од 2,4 милиони евра потрошило 25,92% а Министерството за здравство од 13 милиони евра планирани за капитални расходи реализирало 24,87%.

Дел од ресорите пак кои располагаат со погломазни буџети за јавни инвестиции, во првиот квартал испорачале пониски стапки на реализација. Министерството за труд и социјална политика од сумата во износ од 3,5 милиони евра потрошило 17,35%. Министерството за транспорт кое за годинава по основ на капитални инвестиции треба да потроши 314,1 милион евра за првите три месеци испорачало реализација од 2,25% а Министерството за земјоделство  9,04% од вкупниот буџет кој изнесува над 10,2 милиони евра,  Министерството за образование кое располага со годишен буџет 36,7 милиони евра, за три месеци остварило реализација од 15,55%.

                                            Реализација на капитални расходи

Мин. за внатрешни работи                     49,52%

Мин. за култура                                           38,84%

МИОА                                                            25,92%

Мин. за животна средина                        25,24%

Мин за здравство                                     24,87%

Мин. за одбрана                                        21,47%

Мин. за труд и соц. политика                 17,35%

Мин за образование                                 15,55%

Мин.за земјоделство                                 9,04%

Поголема стапка на реализација од 49,52% испорачало Министерството за внатрешни работи кое годинава раполага со 17,6 милиони евра за капитални расходи.  Министерството за култура од вкупните средства во износ од скоро 1 милион евра по основ на капитални расходи потрошило 38,84%. Според економистите ниската стапка на реализација на капиталните инвестиции во првите три месеци се објаснува со вообичаена “апстиненција“ во првите зимски месеци кога и поради временскиот фактор има застој, пред се на инфраструктурните проекти, но влијание имаат и изборите односно предизборниот период кој започна со самиот почеток на оваа 2024 .