[Анализа] Кои се програмите и мерките за младите од градинка до факултет

Во пресрет на новата учебна година, направивме анализа на голем број мерки, реформи,забелешки и податоци врзани за предучилишното, основното, средното и високото образование. Ова се дел од активностите и програмите низ кои минуваат младите граѓани од градинка до факултет, а низ призмата на владините програми и укажувањата од стручната јавност, се обидовме да дадеме поширока слика за состојбите со образовниот систем во Република Македонија.

Предучилишно и основно образование 

Се наѕира почетокот на училишната година, но периодов сепак поактуелно беше двосменското работење на градинките. Владата одлучи за уште една, втора смена, од 14 до 21:30 часот, а работна ќе биде и првата сабота од месецот, од 8 до 16 часот. Ова нема да важи единствено за градинките што ќе проценат дека нема потреба од воведување вакво нешто.

Граѓаните се поделени. За едни мерката е потребна ако се земе предвид дека некои родители одат и во втора смена на работа и нема кој да им ги чува децата, додека други пак сметаат ова е неизводливо, и финансиски и во однос на кадарот. Песимисти се и од опозицијата, тврдејќи дека мерката со градинките е гол популизам без да се провери колку се подготвени за реализација. Предвидуваат хаос во работата на установите доколку не се зголемат буџетот и блок-дотациите за детските градинки.

Истовремено, власта уверува дека со започнатите проекти ја унапредува социјалната заштита, го подобрува и го олеснува животот на сите категории граѓани. Владата тврди дека до крајот на годинава ќе биде завршена изградбата на 13 детски градинки со кои ќе се згрижат 682 нови деца. Потпишани се и договори за обнова на постојни објекти.

Ако се погледне владината Програма за 2017-2020 година, таму стои дека сегашниот опфат на децата од 0 до 6 години во предучилишно образование, во просек, е само 23%. Кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10%.

Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Република Македонија. Владата ќе го кофинансира секое зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава. Нашата цел е процентот на деца опфатени со предучилишно образование да се зголеми за 50% во период од 4 години. Владата ќе подготви прецизен План за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број на урбани и рурални општини, меѓу кои Струга, Ѓорче Петров, Сопиште, Центар, Аеродром, Тетово, Теарце, Гостивар, Лозово, Карбинци, Чаир, Шуто Оризари и други“, пишува во програмата.

Владата преку својата програма планира да воведе и задолжително едногодишно предучилишно образование, за како што велат, интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование.

Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и за започнување со елементите на воспитниот процес, којшто во изминатите години исчезна од образовниот систем. Децата треба да имаат еднаков пристап до образованието, бидејќи тоа е клучот за нивниот натамошен успех во животот. Овој опфат ќе биде целосно бесплатен за децата во општините што се подложни на намалување на популацијата и кои имаат неповолен економски развој“, се вели во програмата.

Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, смета власта, децата и наставниците ќе му се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.

За основното образование актуелни се лектирите. Стручната јавност забележува дека изборот на лектирите е застоен, се изоставуваат новите автори, современите жанрови и актуелните наслови, нема доволно книжевни вредности, а притоа се „натрупани“ историја и идеолошки примеси.

Содржината на лектирата во голем дел е застоена и не кореспондира со вистинските потреби на образовниот процес и на интересирањата, нивото и сензибилитетот на новите генерации ученици од основното и средното образование“, стои во иницијативата од јуни на Друштвото на писателите Македонија (ДПМ).

Министерството за образование и наука (МОН), пак, напоменува дека е почнат процес за ревизија на сите учебници, кој ќе биде дебатиран на експертско ниво.

На барањето на Друштвото на писателите на Македонија, МОН одговори позитивно, најави дека ќе ги употреби своите механизми и дека ревидирањето на списокот на лектирите ќе биде дел од процесот на ревизија на сите учебници на сите нивоа на образование, дебатирани од страна на експерти од областа на книжевната наука и образование, во рамки на комисиите формирани од МОН“, велат од министерството.

Министерката за образование Рената Дескоска соопшти дека ќе го повлече учебникот за четврто одделение по предметот Општество на авторката Билјана Живковиќ. Во учебникот имаше задача каде што се вели дека децата треба да донесат фотографија од свадбата на своите родители и да одговорат дали се венчани во црква. Народниот правобранител утврди дека постои дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.

Комисијата донесе предлог за повлекување на учебникот, денеска јас ќе го потпишам решението“, изјави Дескоска.

Претставката до омбудсманот беше поднесена со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ). „Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот, е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца што не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или, пак, еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца што живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено ‘нормални’ заедници и поведенија“, стои во реакцијата од Коалицијата.

 

За основното образование дискусија се води и за реформите со адаптираните наставни програми по математика и природни науки од Меѓународниот центар на Кембриџ (Cambridge International Examination Centre).

Според професорката по одделенска настава и магистер по политички науки (комуникација и медиуми) Ирена Д. Христовска, „Кембриџ“ треба да се приспособи на возраста на учениците. Меѓу другото, одделенскиот наставник анализира дека воведувањето на овие програми започнало од таму „кој – каде стасал“. Односно, не почна од почеток, од прво одделение, туку едноставно се воведе од учебната 2014-2015 година за учениците од прво до трето одделение.

Па, кој имал среќа таа учебна година да се запише во прво одделение почнува да учи и по нови програми. Но што е со учениците што таа учебна година почнуваа второ и трето одделение? Учениците што дотогаш учеа по старите програми, од таа учебна година, без никаква подготовка и преод, почнаа да учат по нови програми. Целиот тој процес се одвива сукцесивно во тријади. Имено, од 2014/2015 беа опфатени ученици од прво до трето одделение, од 2015/2016 – ученици од четврто до шесто одделение, за учебната 2016/2017 година да се адаптираат програмите по математика, физика, биологија, хемија за учениците од шесто до деветто одделение“, анализира Христовска.

При креирањето и адаптацијата на програмите по математика и природни науки според Кембриџ, пишува Христовска, занемарен е основниот фактор – возраста на детето и неговиот психолошки и интелектуален развој. Пред децата се поставуваат проблемски ситуации, а тие се во фаза на конкретно размислување (барем до седумгодишна возраст). Во прво одделение, по предметите математика и природни науки се бара од учениците да запишуваат одредени искази. Парадоксот е во тоа што, вели таа, кај учениците описменувањето започнува во второ одделение.

Ирена Христовска

Во прво одделение, учениците се во фаза на препознавање на големите печатни букви. Значи, постои несинхронизираност во програмите. Истото се случува и со предметот природни науки, каде од учениците се бара да запишат одредени искази или заклучоци до кои дошле со одредени истражувања. Можеби надлежните ќе аргументираат дека наставникот може да ги запише исказите. Но дали во практиката тоа навистина може да се реализира? Во одделение со триесетина ученици наставникот реално не може да постигне да ги запише сите искази, бидејќи треба да се реализира настава и по други предмети. Со програмите според Кембриџ, во содржините по математика и природни науки предвидени се експерименти, истражувања, користење на разни ресурси, дидактички помагала, манипулативи… Единствено што не е предвидено е сите овие наброени средства да бидат бесплатно обезбедени за учениците и наставниците, како што се обезбедени бесплатните учебници. Токму поради тоа, учениците, родителите и наставниците се соочуваат со реален проблем. Секој мора самостојно да дојде до потребните ресурси (посебно ако е по електронски пат, бидејќи во училиштата, иако информациските и комуникациските технологии (ИКТ) се задолжителни, најчесто нема интернет, па наставникот се приклучува од приватниот доколку го има или остава секој ученик да пребарува дома). Секој треба самостојно да си купи потребни дидактички помагала, манипулативи, нагледни средства, бидејќи училиштето обезбедува само по еден комплет (на ниво на актив) од дидактичките материјали за реализација на наставата по Кембриџ програмите. А нашето образование е бесплатно?!“,пишува Христовска, напоменувајќи дека итно е потребно усогласување на програмите со условите во училишта и средства за целосно постигнување на целите на наставата, но и претходни истражувања и реорганизација.

Средно образование 

За разлика од основното, Владата веќе донесе одлука да го одложи почетокот на Кембриџ-програмата во средните училишта за учебната 2018/2019 година. Ова е „поради временскиот теснец да се обезбедат овие стандарди и заради избегнување на несакани ситуации во средното образование“. Сметаат и дека „воведувањето на нови наставни програми бара анализа и обмислување на процесите, а не избрзани решенија“.

Познато е дека покрај реакциите од опозицијата се укина екстерното, што пак донесе позитивни коментари од повеќе ученици, родители и наставници, кои долго време протестираа против ваквото тестирање.

Власта преку програмата за работа 2017-2020 понудува средно образование, кое трае две, три или четири години. Ова значи задржување на класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно образование, но да се воведе можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование.

Промената ќе биде во тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно стручно образование, на 17-годишна возраст. Имено, оние што сакаат да се вклучат на пазарот на трудот не треба непотребно да ги задржуваме во образовниот систем, често со послаби остварени резултати во погорните нивоа на образование. На тие млади луѓе ќе им овозможиме брз влез во стопанството и време за созревање и планирање на сопствената деловна кариера, со можности за подоцнежно дошколување“, пишува во владината програма.

На средба со МОН со Делегација на германското стопанство во Македонија на 29 август се зборуваше за популаризирањето на средното стручно образование и реформите во наставните планови и програми. Тие, според ресорното министерство, треба да придонесат за создавањето млади луѓе што по завршување на средното школо ќе бидат висококвалификувани и компетитивни на пазарот на трудот.

Министерката Дескоска ја потенцираше потребата и стопанската комора да се вклучи во процесот. Целта е подобро усогласување на потребите на пазарот на трудот и профилирањето на работниот кадар и истакна дека „инвестирањето и модернизирањето на средното стручно образование ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места“.

Кон ова треба да се земе предвид дека, според видот на образованието, оваа година бројот на новозапишаните гимназијалци изнесува 6.665. Истовремено, во средните стручни училишта се запишани 10.023 ученици.

Наместо политика на казни, Владата најавува политика на награди и стимулации. Имено, најавено е дека вработените во најдобрите 5% основни и 10% средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20% поголема плата во текот на наредните 12 месеци.

Училиштата што ќе бидат во горните 10% според резултатите што ги постигнуваат во својот образовен квалитет, ќе добијат право на свидетелствата да истакнат дополнителни бодови, како училишта со натпросечни резултати. Покрај задолжителните предмети, во училиштата ќе воведеме слободни активности за поголема креативност. Ќе ги ослободиме наставниците од административните обврски, но ќе бараме од нив да работат со младите на развивање на нивните таленти. Владата ќе стимулира зајакнување на училишните тимови со стручни лица од различни профили: педагози, психолози, дефектолози, социолози, логопеди, социјални работници и медицински стручни лица (онаму каде што има можности за тоа)“, стои во владината програма.

Она за што засега малку зборува власта е медиумската писменост. Имено, со напливот на лажни вести и пропаганда, расте потребата од медиумски писмени ученици, кои критички ќе ги оценуваат медиумските содржини. Ќе знаат да анализираат што им сервираат медиумите, како е „спакувано“ тоа, да препознаат спинови и тенденциозност, а притоа и да ги искористат медиумите за да учествуваат во јавната сфера. Со медиумски описменети граѓани помала е шансата за „провев“ на манипулации и неетичко новинарство, меѓутоа, искуствата покажуваат дека Македонија доста стагнира со медиумската писменост, која е недоволно вклучена во формалното образование.

„Имаме поим ‘дигитална писменост’, но од оваа перспектива, таа сугерира на вештини на техничко ниво, да умееш да бараташ со компјутер, да напишеш ворд-документ, да влезеш на интернет, да пребаруваш… Не можеме да изолираме дека не е потребна, бидејќи има родители и средини без компјутери во домовите. Меѓутоа, за пример, предлог-програмата за македонски јазик, да има пет часови за медиумска писменост, професорите покажуваат дека недоволно се применуваат овие предлог-курикулуми. Тоа претежно останува на совеста и ентузијазмот да се работи на таа материја. Бидејќи, не е работата само да дискутираш, туку недостигаат вештини за да се дискутира. Значи, како да ја декодираат конкретната содржина. Второ, немаат простор за медиумска продукција. Во јавноста често се зборува за ‘Компјутер за секое дете’, но знаете ли каква е ситуацијата во училиштата? Искуствата покажуваат лаборатории што често не работат, компјутерите не се одржуваат, нема постојан интернет… посочи Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Наставни предмети во кои се третираат медиумската писменост и медиумите според година на реформи во нивната содржина; извор – Висока школа за новинарство и за односи со јавноста

Таа нагласува дека делови од различни аспекти на медиумската писменост се третираат само во десетина предмети – македонски јазик и литература, социологија, информатика, етика, граѓанска култура, ликовна уметност, педагогија… Ова, забележува Теменугова, апсолутно не е доволно. Дополнително ниту во Националната стратегија за образование 2016-2020, ниту во Стратегискиот план за образование 2017-2019 при Министерството за образование, не се споменува поимот „медиумска писменост“.

На професорите им требаат наставни часови на кои ќе дискутираат со учениците како медиумските содржини влијаат врз нив, како да им пристапуваат, кому да веруваат, а кому не и зошто. Од она што го гледаме во училиштата е дека се созреани условите за промена на наставните програми не само во средното, туку и во основното образование. Но знаеме и дека тоа не е едноставна работа. Тоа подразбира еден сеопфатен и добро испланиран процес, кој треба да го води пред сè Бирото за развој на образованието и во консултација со другите институции, граѓански и медиумски организации“, нагласи Теменугова.

Во однос на Сеопфатното сексуално образование (ССО), десет партии пред парламентарните избори во декември 2016 се обврзаа на низа мерки. Меѓу партиите беа и СДСМ, ЛДП, ЛП, НСДП, ВМРО-НП, ДПА, Унитети, ДОМ и Левица. Од 10 партии, три од нив оваа мерка ја имаа наведено и во своите политички програми. Меѓутоа, засега повеќето партии од власта молчат на оваа тема – ја нема по прес-конференции, јавни излагања и дебати.

Разочарувачки е што Македонија стагнира со сексуалното образование. Особено ако се знае дека на секои 36 часа по една малолетничка абортира. Само 13 отсто од учениците учеле за кондом, а 2 отсто за орална контрацепција. Во 2016 година имаше 2 регистрирани случаи кога девојки беа оставени сами на себе да се справуваат со несакана бременост. Само 1,6 отсто млади до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8 отсто од паровите користат какво било модерно средство за контрацепција…

Со податоците што постојано ги потенцираат ХЕРА и партнерските организации, се бара системско решение за сеопфатно сексуално образование, кое ќе им даде на младите точни и потврдени научно докажани информации, за да носат свесни и одговорни одлуки. Посебно што низ младите сè уште владеат коментари полни со говор на омраза, митови и стереотипи од типот „со ХИВ се инфицираат само хомосексуалци и девојки што спиеле со многумина“ или „младите денес имаат интернет и знаат сѐ за сексот“.

Голем број наставници, педагози, психолози и различни експерти со години бараат поголемо вклучување на ССО во образованиот систем. „Сеопфатно“ значи дека треба да бидат вклучени сите – децата, родителите и наставниците. Не е само да се донесе програма, па таа да не се имплементира. „Сеопфатно“ се вели затоа што опфаќа не само биомедицински аспекти, туку се засновува и на родова еднаквост, човекови права и различност.

Сепак, досега од МОН и Бирото за развој на образованието постоеја одредени бариери, и од политички, и од идеолошки карактер. Односно, сметаа дека со предметот „Животни вештини“ доволно е покриена сексуалноста.

Високо образование 

За состојбите во високото образование се обративме до Деа Здравковска од Студентскиот пленум. Таа потенцира дека високото образование во последните 4 години претрпело многу промени. Повеќето беа негативни, вели таа, но имало и неколку позитивни.

Борбата за подобро и квалитетно високо образование почна со протестите против екстерното тестирање, кое беше наметнато од тогашната влада, во 2014 година. По три години протести, окупирање на факултети, блокади, бојкоти, протестни маршови, можам да кажам дека сега сме најблиску до решавање на проблемот, односно комплетно нов закон за високо образование со целосно нов систем на студентско организирање“, анализира Здравковска.

Деа Здравковска

Таа нагласува дека Студентскиот пленум се залагаше за да се укине екстерното тестирање и да се изработи нов закон за високо образование, бидејќи законот како таков, од 2008 година претрпел дури 16 промени. Немало основа тој повторно да се менува и затоа се решиле да учествуваат во пишување на нов закон за високо образование.

Во 2015 година имаше претставници од Студентскиот пленум во работната група со УКИМ и МОН, но средбите беа неуспешни, и ги напуштивме по страшниот ден, 5 мај, кога полицијата влезе во читалната Браќа Миладиновци и брутално тепаше студенти“, потенцира таа.

Подолг период изоставувале соработка со тогашната влада, особено и кога апелирале дека има правни последици при избор на новиот ректор на УКИМ во 2016 година со нелегитимни и нелегални студентски претставници.

Се осмелувам да кажам дека со новата министерка за образование, сега имам солидна соработка. Формирана е комисија за подготовка на нов закон за високо образование. Нашиот акцент е на студентското организирање, односно Студентскиот парламент да не фигурира како невладина организација со членови во сите управувачки тела на УКИМ, туку да биде тело, орган во рамките на Универзитетот. На тој начин ќе се има поголема контрола во финансирањето, бидејќи претходните практики покажале дека неразумно трошеле студентски пари, студентските избори ќе бидат транспарентни и демократски, ќе има претставници на студентите во сите тела кои ќе бидат избрани на избори. Само на тој начин, студентските организации ќе претставуваат сервис за услуги и помош на студентите, кои секогаш ќе можат да сметаат на поддршка, а од друга страна, ќе можат со конструктивни идеи и решенија да придонесуваат во напредување на факултетите и Универзитетот“, нагласува претставничката на Студентски пленум.

Освен студентското организирање, активно учествуваат и со идеи за комплетниот закон за високо образование, како финансирање, партиципација, одбори за акредитација и евалуација, студентски правобранители итн. Очекуваат и ревидирање на законот за студентски стандард, што Здравковска верува дека многу брзо ќе се случи.

Во однос на одлуката за укинувањето на дисперзираните студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и делумно редуцирање на овие студии на другите универзитети, во јавноста и академските кругови се отвори дискусија дали тие се заштеда или популизам, квалитет или квантитет. И опозицијата реагираше дека „власта укинува една благородна мерка што во изминатите 9 години ја искористија околу 20.000 студенти, мерка што придонесува и за економско-социјален, но и демографски развој на сите други региони во земјата“.

МОН соопшти дека одлуката е резултат на укажувањата што стигнале од Универзитетот за непостоење интерес од студентите за овие студии во изминатите неколку години. Според МОН, постојат јасни согледувања за неможноста да се обезбеди ист квалитет на студии надвор од матичните факултети. Оттаму рекоа дека Министерството нема да дозволи да постојат студенти од прв ред и студенти од втор ред, кои ќе учат во несоодветни супстандардни услови надвор од матичните факултети. Нивна заложба, велат од МОН, е да им овозможи на студентите дипломи што ќе им гарантираат знаење.

Дисперзираните студии претставуваат скап облик на образование, кој создава поголеми трошоци отколку придобивки, вели истражувањето направено од Здружение Институт за стратегиски истражувања и едукација – ИСИЕ. Податоците покажале дека сегашната нето-вредност на инвестициите во дисперзираните студии кај трите најголеми државни универзитети – УКИМ, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип е негативна вредност.

Дисперзираните студии на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип имаат најниска сегашна нето-вредност, додека УКИМ има најголема. Ова и не би требало да биде изненадување, со оглед на фактот дека УГД има најголем број запишани студенти, а УКИМ најмал. Во согласност со резултатите добиени преку користење на овој инвестициски критериум, препорачуваме дека инвестицискиот проект не треба да биде прифатен, односно, во случајов, да се размисли за сериозна реорганизација и ефикасност на трошоците и на придобивките на дисперзираните студии или, евентуално, за напуштање на овој концепт“, стои во заклучоците на истражувањето.

Табела – Сумарни резултати од АTП на државните универзитети во РМ (во денари)

Владата во својата програма 2017-2020 најавува враќање на автономијата на универзитетот, не затоа што професорите треба да уживаат некакви поголеми привилегии, туку, велат, затоа што од универзитетите произлегуваат прогресивните општествени промени и слободарските идеи, таму се проверуваат и се пренесуваат постојните знаења и се создаваат нови.

Сметаат дека негрижата за квалитетот на високото образование довела до хиперпродукција на дипломи, без конкурентни знаења и вештини. Резултатите од истражувањата укажуваат на пролонгирано студирање, несоодветно димензиониран наставен процес и просечен квалитет на студии. Со тоа, најавуваат поддршка на универзитетите и факултетите за да „запрат злоупотребите што се прават врз грбот на студентите и родителите“.

Понатаму, во програмата стои дека на најдобрите дипломирани студенти ќе им се даде можност, под менторство на поискусните наставници, да волонтираат како наставен кадар во основното и во средното образование, во период од 1-2 години. Сметаат дека најдобрите студенти мора да се вработат и да се стимулира нивното останување во Република Македонија.

Исто така, преку програмата е најавена и изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови архитектонски и хортикултурни решенија, како и спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, киносали и фитнес-центри. Понатаму, најавена е и доизградба на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“, за кој веќе е објавено и идејно решение. Комплексот ќе се гради во поранешната касарна „Илинден“ во Скопје.

Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавноприватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку реконструкција и преадаптација на постојните објекти, доградба на соодветни нови инфраструктурни содржини и зголемување на капацитетот на постојните домови“, се вели во владината програма.

 

Бојан Шашевски
Фото: Роберт Атанасовски

*Темата првично е објавена на МКД.мк во рамки на проектот „Информирај се и дејствувај – за подобро образование“, поддржан од Британска амбасада Скопје.