„Колкава треба да биде платата во Македонија за да се смета за достоинствена?“ е темата на која „Вработување.мк“ направи анкета со 3407 испитаници.
Како што информират оттаму, анкетата ја направиле на нивната веб страница поставувајќи го прашањето: „Од 500 до 2000 евра: Колкава треба да биде платата во Македонија за да се смета за достоинствена?“ Понудените опции биле: од 500 до 1000 евра, од 1000 до 1500 евра, од 1500 до 2000 евра и над 2000 евра.
Резултатите покажале дека најмал процент или 10% од испитаниците, сметаат дека достоинствена плата во Македонија би била во ранг од 500 до 1000 евра. Овој износ го гледаат како неопходен минимум за покривање на основните животни трошоци и одржување на пристоен животен стандард.
„Овoj податок јасно покажува дека очекувањата за достоинствени примања се сè уште далеку од просечните плати во земјата, што укажува на потребата од зголемено внимание кон ова прашање“, велат од „Вработување.мк“.
Нешто повеќе или 11% од испитаниците се изјасниле дека достоинствена плата во Македонија треба да надминува 2000 евра додека пак, 25% или 863 испитаници, одговориле дека достоинствената плата во Македонија треба да се движи помеѓу 1500 и 2000 евра. Според нив, овој износ е неопходен за обезбедување стабилност и пристоен животен стандард.
Најголем дел – односно цели 53% или 1806 граѓани сметаат дека достоинствена плата во Македонија треба да се движи помеѓу 1000 и 1500 евра.
Испитаниците посочиле дека со плата во овој опсег може да се одржува финансиска рамнотежа, да се покријат трошоците за домување, храна и образование, како и да се обезбеди минимална финансиска сигурност.
Подетални информации може да најдете ТУКА.