Следната буџетска година ќе започне со веќе “изместени“ владини проекции кои се зацртани во Фискалната стратегија. Владата најави кратења кај повеќе ставки – трансфери, стоки и усслуги, субвенции, пишува Порталб.
Намалување Очекуван ефект
За плати и надоместоци 10% 49 000 000 евра
За субвенции, трансфери, дотации 20% 49 000 000 евра
За стоки и услуги 20% 49 000 000 евра
Дали прогнозите за трошење во 2023-та беа „надувани“ па има простор за намалување или поради кризата нема друго решение освен да се стесни ременот за буџетските трошења.
Намалување на расходите за плати и надоместоци….
За исплата на плати и на надоместоци на буџетарите за годинава се планирани скоро 540 милиони евра – сума која со ребалансот на Буџетот се зголеми за 1,7%. Кај оваа ставка Владата планира намалување за 10% во однос на 2023-та година кога е проектирана на ниво од 570,3 милиони евра. Од ова кратење се очекува заштеда од 49 милиони евра.
Плати и надоместоци
2022 година 540 000 000 евра
2023 година 570 300 00 евра
Како дел од планот се и намалување на расходите на Јавните претпријатија, агенциите, фирмите во државна сопственост – и тие имаат обврска да ги намалат трошењата но и да ги намалат платите онаму каде што тие се далеку над републичкиот просек.
Намалување на расходи за субвенции, трансфери, социјални надоместоци…
„Најчувствителните“ буџетски ставки на расходната страна се оние за субвенции, трансфери, социјални надоместоци – владата планира догодина да ги намали за 20% во однос на рамката за 2023 та година. А во 2023 та година дел од овие ставки според Фискалната проекција веќе се намалени во однос на годинава, но дел се и значајно зголемени. И со овие кратењата се очекува заштеда од 49 милиони евра.
Расходи по ставки
2022 година 2023 година (проекција)
Социјални трансфери 2 100 000 000 евра 2 200 000 000 евра
Трансфери и субвенции 550 000 000 евра 514 500 000 евра
Трансфери до општини 375 000 000 евра 408 600 000 евра
Овие буџетски ставки финансиски најиздашни – само за социјални трансфери, со кои, меѓудругото се опфатени пензии, надоместоци за невработени, социјална помош, со годинешниот буџет е планиран износ од 2,1 милијарда евра. Дел од овој пакет за кој се планира намалување се и трансферите и субвенциите – ставка која во моментов “тежи“ 550 милиони евра но за која веќе има проекција во Фискалната стратегија да се намали за цели 35 000 000 евра . Трансферите до општините за годинава се планирани на ниво од 375 милиони евра а блок дотациите изнесуваат 333 милиони евра.
“Кај овие позиции во Буџетот има простор за кратење – премногу се „набилдани“ трошењата догодина, планирани се високи износи кои се “скриени“ во буџетските потставки како онаа „други трансфери“. Секако не се очекува намалување на износот на пример за социјална помош – тоа би била непопуларна мерка, напротив, се најавува зголемување“ – коментира економски аналитичар за „Порталб“ и оценува дека со владините проекции од фискалната стратегија нереално се планирани капиталните расходи – милионски суми кои не се реализираат.
Намалување на расходи за стоки, услуги…
Една од најкоментираните буџетски ставки е онаа за стоки и услуги – ги опфаќа трошењата на државна сметка поврзани со дневници за службени патувања, договорни услуги, сметки за комуналии, купување на мебел, опрема и други јавни набавки.
За годинава по овој основ државата планира да потроши 375 милиони евра, износ кој се зголеми за 11,9% во однос на првичниот буџетски план.
Стоки и услуги ( 2022 година )
Патни и дневни расходи 14 600 000 евра
Комунални сметки 77 100 000 евра
Материјали и ситен инвентар 80 700 000 евра
Договорни услуги 120 400 000 евра
Сега со новиот владин План овие трошења треба да се намалат за 20% во однос на фискалната рамка за следната 2023 та година за кога е планиран износ од 373 600 000 евра.
Стоки и услуги
Буџет 2022 година 375 000 000 евра
Буџет 2023(проекција) 373 600 000 евра
Ефектот од кратењата кај трошоците за стоки и услуги би “тежел“49 милиони евра.
Сите овие буџетските кратење треба да ослободат пари за поддршка на граѓаните и на фирмите во ек на енергетска криза која веќе доби димензии и на економска криза.
Извор: Порталб.мк