Употребата на дроги не е новост, ниту реткост и во Македонија. Речиси 9% од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19% од младите од 15- до 24-годишна возраст, се вели во анализата на ХОПС.
Околу 1,1% од граѓаните во Македонија пробале опиоидни дроги, а бројот на лица кои ги употребуваат со инјектирање се проценува на околу 6.800.
Супституциското лекување за опијатна зависност во Психијатриската болница Скопје датира од раните осумдесетти години на 20 век, додека почнувајќи од 2005 г. со поддршка од Глобалниот фонд лекувањето беше дисперзирано во уште 9 градови низ државава.
„Само 27% од луѓето што инјектираат дроги во Македонија се вклучени во програмите за лекување на зависници, што е под европскиот просец кој изнесува 50%“, стои во анализата на ХОПС.
Понатаму, стои дека лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови, а луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување.
„Простории за чекање, социјални и групни активности и тоалети за пациенти нема на речиси ниедна локација“, стои во анализата.
Меѓу другите проблеми, нагласено е дека дискриминацијата кон луѓето кои се лекуваат од опијатна зависност го попречува нивниот пристап до здравствени услуги воопшто.
Анализата содржи преглед на актуелната состојба во програмите за лекување на зависности од перспектива на пациентите. И покрај многуте бенефити од програмите, овде се презентирани само постоечките слабости со цел да бидат јасно препознаени и адресирани.
Ова резиме е извадок од анализата за Квалитетот на програмите за лекување на зависности во Македонија, која во целост е достапна на интернет-страницата на ХОПС.