„Просечниот месечен трошок за менструални производи за една средношколка изнесува 420 денари“, велат од организацијата Балканска Водна Мрежа што спроведе трошковна анализа на цената на менструални производи за потреба на средношколките од училиштата под град Скопје.
Во анкетата своето искуство го споделиле 328 средношколки од пет средни училишта. Истражувачкиот тим направил и анализа на трошоците за различни менструални производи од што произлегува заклучокот дека Град Скопје за менструални производи за 13.314 средношколки треба да издвојува 5.591.880 денари годишно.
„Влошките за повеќекратна употреба беа идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Вложувањето во повеќекратно употребливи менструални производи, како што е менструалната чашка се покажа како една од најефективните начини за намалување на трошоците на долг рок. Според анализата, употребата на менструалната чашка може да го намали месечниот трошок за менструални производи за 93% и да се допринесе за значителна заштита на животната средина преку намалување на отпадот од еднократни производи“, посочуваат од Мрежата.
Од трошковната анализа произлегува и заклучокот дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија.
По објавување на истражувањето, Балканска Водна Мрежа дава свои препораки:
- Градот Скопје и релевантните институции треба да разгледаат и прифатат мерки за обезбедување на бесплатни или субвенционирани менструални производи за жените и девојките со ниски приходи;
- Образовните институции треба да обезбедат образование и свесност за менструалното здравје и алтернативните опции за менструални производи, со фокус на младите девојки;
- Инвестирање во истражување и развој на економски прифатливи и еколошки одржливи алтернативни производи за менструација треба да биде поддржано и стимулирано;
- Невладините организации и заедницата треба да продолжат со подигање на свесноста и за менструалната правда, со фокус на социјално-економски ранливи групи.
„Потребата од информирање и едукација ја покажаа и дебатите со ученички кои не знаат за иницијативата, темите како менструална сиромаштија и менструална хигиена им се непознати, па и табу, алтернативните решенија се познати само за многу мал дел, а не се запознаени ниту со можностите за мониторирање на отчетноста на институциите“, информираат од организацијата.
Целата трошковна анализа може да се види тука.